„Бог се јави“: Православните верници денеска празнуваат Богојавление – Водици

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 6 јануари.

Денеска е Богојавление (Водици).

Овој празник е еден од најголемите христијански празници. Познато е дека се празнувал уште во вториот век од христијанската ера. Конкретно е поврзан со крштевањето на Исус Христос од свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител.

Поврзаноста на празниците Рождество Христово и Богојавление е воочлива во самата содржина на богослужбените песни. Во стихирите на празникот Рождество Христово наоѓаме мисли и изрази кои се однесуваат на празникот Богојавление, а во Богојавленската служба изрази кои се однесуваат на Рождеството. Тоа се оправдува со фактот дека во почетокот на 6 / 19 јануари се славел еден колективен празник (επιφὰνεια, ϑεοφὰνεια = Богојавление), кој соединувал повеќе настани од Христовиот живот на земјата, односно се празнувало општото Божјо јавување на земјата. Подоцна кога од празникот на 6 јануари се издвоиле останатите спомени (како на пример Рождеството Христово), главниот спомен кој останал да се празнува на овој ден било Крштението на Господ Исус Христос на реката Јордан.

Во историјата на празникот Богојавление можеме да следиме три периоди: првиот е периодот на III век кога Богојавлението е главниот настан кој се празнува на 6 јануари, но е поврзан со повеќе настани од Божјото јавување на земјата; потоа вториот период е IV век, кога Рождеството Христово станува центар на празнувањата во овој ден; и третиот период е крајот од IV век и подоцна, кога споменот на Рождеството Христово се издвојува од Богојавлението.

Празникот Богојавление се нарекува така зашто во мигот на Крштението Христово „се покажа поклонувањето на Света Троица“. Отецот зборуваше од небото за Синот Кој се крштева, Синот Божји се крштеваше од св. Јован и како таков беше посведочен од Бога Отецот, а Светиот Дух Кој слезе во вид на гулаб го потврди гласот на Отецот. Уште се нарекува и „Просвештение“, зашто во древноста во навечерието на празникот, по примерот на Христа се крштевале и со Божјата благодат се просветлувале огласените.

Овој празник започнал да се слави на Истокот уште во III век и тоа особено во Египет. Првото сведоштво за него го наоѓаме кај св. Климент Александриски (215 г.), во неговото дело „Стромата“, каде што вели дека следбениците на гностичкиот еретик Василид уште пред православните започнале да го слават овој празник. Имено, за нив овој празник имал големо значење – нивното учење вели дека Христос бил само обичен човек, а станал Син Божји во мигот на Неговото Крштение. Православните, пак, спротивставувајќи му се на ваквото погрешно учење на гностиците, го востановиле овој празник објавувајќи ја преку него особено силната и длабока смисла на Божјото јавување. До почетокот на IV век Богојавлението веќе се славело насекаде. Неговата самостојност започнува на Истокот, од каде што подоцна е пренесен на Запад.

Според главниот спомен на Богојавление – Крштението Христово, во древноста, во навечерието на празникот се извршувало осветување на водите за крштение и биле крштевани огласените. Исто така особено значајна е традицијата на големото торжество на реката Јордан, во која на полноќ многумина влегувале во водата да се искапат, а ова капење ги очистувало телесните и духовните рани. Според Уставот, во навечерието на празникот и на самиот негов ден се врши осветување на водите. Стихири за богослужбата на овој празник имаме од: Јован монах, Визант, Козма монах, Анатолиј, Патријархот Герман, а каноните ги напишале св. Јован Дамаскин и св. Козма Мајумски.

Специфично за празникот е и тоа што во древноста, Александриските епископи според одредбите на Првиот вселенски собор, секоја година за Богојавление ги испраќале и своите посланија до старешините на црквите во кои бил објавуван датумот на празникот Воскресение за таа година. Старешините потоа им го објавувале тој датум на верните. Тоа го практикувале зашто токму во Александрија цветала астрономската наука. Така, Црквата зачувала многу пасхални посланија од Александриските епископи, меѓу кои се и оние на светите Теофил, Дионисиј, Атанасиј и Кирил Александриски.

Смислата на празникот Богојавление

Христос „на секому му ја даде можноста да ја стекне благодатта на синовството, да го стекне Богојавлението во својот личен живот. Тоа јавување Божјо го сочинува богопознанието, а бидејќи тоа е егзистенцијално собитие, затоа и го предизвикува спасението“ (Јеротеј Влахос).

Собитието на создавањето е едно чудесно таинство во кое Троичниот Бог се јави и го повика човекот од небитие во битие, го создаде според образот на Словото, вдахнувајќи во него живот преку Светиот Дух. Човекот живееше во благодатно заедничарење со Бога, за него небесата беа отворени и од таму тој го слушаше гласот на својот Создател, разговараше со Него сѐ до мигот кога заради неговата непослушност тој ја изгуби благодатта и заедницата со Бога. Како последица на тоа небото се затвори за сиот човечки род, кој сега веќе не можеше да преуспева во духовниот живот, ниту да бива поткрепуван и просветлуван од Божествената благодат. И живеејќи без Бога, валкајќи се, потопувајќи се во нечистата и матна вода на гревот човекот достигна страдање, кое, пак, за своја последица го имаше целосното деформирање на неговата личност.

Но, Божјата љубов и сострадание кон родот човечки е толку голема, што Бог Отецот Го испрати Синот Свој, чиешто доаѓање на земјата имаше за цел да му ја објави на човекот предвечната Божја промисла за него, според која тој е создаден по образ и подобие на Христа, Словото Божјо. И еве, Крштението Христово ни покажува дека Он дојде при нас, го зеде нашиот образ, за да го очисти, просветли и облагодати за ние полесно да дојдеме до Него. Он е Новиот Адам Кој сега повторно го отвора небото, од каде гласот на Отецот ја покажа, ја објави обожената човечка природа примена од Христа. Јавувањето, пак, на Светиот Дух во вид на незлобив и кроток гулаб, го објави крајот на потопот од гревот и почетокот на несфатливата милост Божја кон нас луѓето. И сето ова Бог го направи за да можеме ние повторно да се искачуваме кон Бога и да стекнеме заедница со Него.

Така, значи Пресвета Троица учествуваше во создавањето на човекот и ете, сега повторно Пресвета Троица учествува во неговото пресоздавање. И тоа покажува една голема богословска тајна: дека единствено човекот, кој е создаден според образот Христов, може да биде посветеник и поклоник на Пресвета Троица. Затоа Црквата овој ден го нарекува и празник на пресоздавањето на човекот, почеток на неговото обожување.

Богојавлението, пак, за нас почнува во крштелниот купел, кој е духовна утроба што нѐ преродува за еден висококвалитетен и достоинствен живот. Ние во крштението се очистуваме, ја отстрануваме Адамовата нечистотија, го измиваме нашиот внатрешен човек. Ја примаме благодатта Божја, го примаме залогот на Духот, но го примаме со можност да се усовршуваме. Според тоа, кога човекот прави гревови, тој ја валка веќе очистената и измиена негова природа. Тогаш благодатта се повлекува од него и тој духовно умира зашто ја губи својата заедница со Бога и можноста што ја примил на крштението. „Секако благодатта не се губи целосно, но во овој случај таа не го врши спасението“ (Ј. Влахос).

Сепак радоста на празникот Богојавление е токму во верата дека сѐ може одново да се измие, очисти, обнови и повторно да се роди. А тоа се случува во мигот кога ние суштински ќе се доближиме до празникот и ќе сфатиме дека очистувајќи се повторно ќе ја привлечеме благодатта Божја во нашиот живот. Колку и да сме извалкани, помрачени и со своите гревови оддалечени од Бога, сепак, во нас не згаснала надежта и жедта за доброто, совршеното и убавото. Тогаш кога ќе одлучиме да живееме во совршена послушност кон Бога, исполнувајќи ја Неговата најголема заповед за љубов кон ближните, тогаш и небото на нашиот внатрешен живот постојано ќе биде отворено и ние слободно ќе разговараме со Бога, Чијашто светлина ќе го озарува целокупното наше битие.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.