Бог да им даде долго здравје! Соња (57) и Марко (69) конечно ќе се израдуваат на дете благодарение на ин витро направено во Скопје (ВИДЕО)

По 22-годишна борба за потомство, 57-годишната Соња и 69-годишниот Марко Миротиќ од Грбавац, кај Подгорица го очекуваат новиот член на семејството во април. За нивната неверојатна борба за потомство и спасот кој конечно го пронајдоа во Скопје, зборуваа на порталот „Дан“.

-По осум спонтани абортуси, многу труд, маки, операции, оплодувања, паузиравме, малку се откажавме од тоа. Случајно, Вања (Милошевиќ, гинеколог) ми е братучетка, неколку пати ја посетив и ме упати кај д-р Ана Јеремиќ, која потоа нè испрати во Скопје, бидејќи таму не постои возрасна граница за донација на јајце-клетки. Така ја продолживме таа борба и ете, се оствари, вели Соња, која за неколку дена влегува во осмиот месец од бременоста, а борбата за потомство ја почна на 35 години.

За овој брачен пар откажувањето не е опција, па се надеваат дека, ако им дозволи здравјето, ќе продолжат и понатаму. Им порачува на сите парови кои минуваат низ слична борба да веруваат дека тоа сепак е можно.

-Прво, треба да веруваат во себе и во партнерот и да имаат огромна желба за тоа. Можеби ќе им се случи да помислат дека треба да се откажат, тоа е нормално, тоа е психата, но тоа е и удар по нивниот џеб, но само нека бидат упорни и веројатно ќе им се оствари желбата. Оние кои веруваат во чуда создаваат чуда. Нека не се откажуваат, вели таа.

Во борбата за потомство сопружниците побарале стручни совети од лекари во многу земји, а имало и моменти кога губеле надеж. Сепак, тие верувале дека нивната желба ќе се оствари.

-Никогаш нема да го заборавам моментот кога мојот сопруг дојде и ги донесе резултатите. Ги видов бројките и почнав да скокам од среќа, да плачам, да викам, да се смеам. Марко едвај ме смири. Веднаш му се јави на внукот, а потоа му кажа дека неговата стрина е бремена. Тоа беше прекрасен момент, се присетува Соња.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.