Преку соопштение испратено до медиумите, од Владата информираат дека од функција е разрешена Славица Кутиров, а во директорската фотелја на Царинската управа удобно ќе се смести Стефан Богоев.
„Владата денеска одлучи, Славица Кутиров, да ја разреши од должноста директор на Царинската управа, на нејзино барање.
Владата одлучи Стефан Богоев да го именува за в.д. директор на Царинската управа“, стои во соопштението на Владата.
Kутиров кажа дека се повлекла од функцијата директор оти планирала развој на нејзината професионална кариера на меѓународен план.
„На денешната седница Владата на Република Северна Македонија ја прифати мојата оставка од функцијата директор на Царинската управа, поднесена од лични причини, а со цел понатамошен развој на мојата професионална кариера на меѓународен план. Сакам да се заблагодарам на Владата и на премиерот Димитар Ковачевски за безрезервната поддршка во изминатите две години, што придонесе Царинската управа да прерасне во една од водечките професионални и технолошки напредни институции во државата“, вели Кутиров.
На новиот директор, Стефан Богоев, му го честита назначувањето на функцијата и му посакува успешна работа и уште подобри резултати.
Ексградоначалникот на Карпош од СДСМ, Стефан Богоев за медиумите посочи: „Бев консултиран и прифатив“. Со ова, по година и половина без функција, тој седнува на директорско столче. На нејговиот Фејсбук профил пристигнуваат честитки од сите страни.