Македонскиот православен народ во длабочината на своето срце е побожен народ кој од дамнина ги почитува светителите, кои се живи сведоци на воскреснатиот Христос, најголемо сведоштво за присуството Божјо во Православната Црква и показател дека благодатта Божја сé уште се излева врз нашиот библиски народ.
Многувековната традиција и црковна историја на оваа наша светиклиментова Црква говори дека не поминал некој поголем празник, а народот наш да не се собрал во Божјите храмови, за заеднички да ја сподели благодатната празнична радост, која добриот Бог изобилно ја дарува на секоја празнична Литургија.
“Почитувани верници, во светлината на тоа предание, од нашите предци нам предадено, на ден 08.08. 2018 година (среда), Ве покануваме заедно да го почувствуваме духот на вековното македонско празнување и да го прославиме празникот посветен на нашата закрилничка и молитвена застапничка пред Христа, св. преп. мчца. Параскева (Петка) Римјанка, а во сеќавање на нејзиниот живот кој претставува поука и пример за исполнување на Евангелието”, се вели во соопштението од црковниот храм Св. Петка во населбата Точила.
На ден пред големиот христијански празник, храмот блеска од убавина, подготвен да ги прими сите верници и сите добронамерници.
Молитвеното литургиско чествување ќе започне во 08.00 ч., со кое ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, со учество на црковните хорови „Св. Петка“ и „Св. Благовештение“.
По завршувањето на Литургијата, по повод 17 години од трагичниот настан на Карпалак, ќе се отслужи Панихида за молитвен спомен на загинатите македонски бранители.