Ракометарите на РК Прилеп во рамки на второто коло од пролетниот дел во Супер машката ракометна лига забележаа важна и голема победа над РК Тиквеш 2014 со 33:26, откако на полувремето имаа предност од 16:11.
Ова беше првиот настап на прилепчани пред домашната публика во вториот дел од сезоната, а избраниците на тренерот возвратија со борбена, дисциплинирана и ефикасна игра. Од самиот почеток наметнаа силно темпо, со цврста одбрана и разигран напад, не дозволувајќи му на противникот да го доведе во прашање победникот.
Најефикасен во редовите на РК Прилеп беше капитенот Димитар Димитриоски со девет постигнати голови, додека значаен придонес даде и Никола Шипинкоски со седум погодоци.
Ова беше деветта победа за прилепчани кои сега имаат 18 бода на табелата, само два помалку од петто и шесто пласираните Тиквеш и Бутел.
До почетокот на плеј-оф/плеј-аут разигрувањата, РК Прилеп ќе се соочи со Еурофарм Пелистер на гости и Радовиш на домашен терен. Прилепчани ќе се надеваат на кикс на Тиквеш, кој игра на домашен терен со Куманово и на гостински терен токму со Бутел во последното коло. Од друга страна пак Бутел пред решавачкиот дуел со Тиквеш, ќе се соочи и со Охрид на гостински терен.

























