Сафет Бишевац во 24 анализа излезе со тврдења дека од редовите на СДСМ нема компетентен човек за достоен кандидат за Претседател на Република Македонија и дека владејачката партија нема план за кампања за претстојните Претседателски избори – пренесува “Курир”.
Бишевац згрозено ги осуди и сексистичките напади од страна на членовите на СДСМ кон кандидатот за Претседател од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, и рече дека таквото однесување е под секое цивилизациско ниво.
-Можеби не се согласувам со нејзините ставови, но исклучително ја почитувам како експерт во тоа што го работи, рече поранешниот пратеник Бишевац.
Видно разочаран и од работата на Собранието и контролата која СДСМ ја спроведува во самата законодавна институција, тој рече дека во него повеќе нема систем на вредности, туку само слепа послушност кон лидерот.
– Нашиот Парламент очигледно стана избушен како швајцарско сирење. Сите мислат дека можат сешто да прават, сешто да бараат од тој Парламент. Највисоката правна и законодавна институција во државата е Собранието, не е ниту премиерот, ниту Претседателот. Ако таму немате здрав Парламент, немате ни здрава држава, Тој е одраз на општеството и случувањата во државата. Имате ситуации кога сите нивоа на внимателност во предлогот на луѓе во тоа Собрание очигледно се поништени, никаков систем на вредности, единствената е слепата послушност кон лидерот. За ваквата состојба во Парламентот вината ја сносат и самите пратеници дозволувајќи да се однесуваат со нив на начин на кој се однесуваат.
Тој го осуди и третманот на судот кој си игра со судбината на Миле Јанакиески и Трајко Вељановски, велејќи дека тоа што го прават е недозволиво.
-Тоа се луѓе кои без разлика на тоа што направиле, имаат свои права и човечко достоинство кое мора да се почитува, дециден беше Бишевац.