Битолчанката Анета Павловска доби бронзена значка, сега ќе може да суди на Грен слем, АТП и ВТА турнири

Анета Павловска Деспотоска од Битола, го живее сонот на многумина – таа е тениски судија и веќе неколку години е присутна на најголемите тениски турнири во светот.

Mинатата недела во Париз, Анета се стекна со највисока бронзена значка, со што стана главен интернационален судија кој може да суди и на Грен слем, но и сите други АТП и ВТА турнири.

По стекнувањето на бронзената значка, Павловска за веб-сајтот на тениската федерација зборуваше за големиот успех. По ова достигнато ниво, останува уште златната значка.

„Среќна сум да споделам дека минатата недела во Париз се стекнав со бронзена значка и станав главен интернационален судија кој може да суди на Грен слем, АТП и ВТА турнири. Ова ме прави вториот судија од Македонија во историјата со овој ранг, по Климе Буловски од Охрид. Кога јас ја започнував својата судиска кариера, тој веќе престануваше да суди, така што немав многу можности да учам од него, но сепак беше добар пример кој вреди да се следи.

Кога започнав со судење, не можев ни да замислам дека еден ден ќе стигнам до ова ниво. Но, со постојано учење, надградување, судење на турнири на различни нивоа и стекнување искуство, постепено ги отворав вратите кон светскиот тенис. Ова достигнување е резултат на многу труд, посветеност и љубов кон тенисот. Сега, со бронзената значка, ме очекуваат нови предизвици, но и нови можности на најголемите тениски сцени во светот“, изјави Павловска.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.