Академијата за боречки спортови и вештини „ЗА НЕД ДО” од Битола по кој знае кој пат во вистинско светло ја претставуваше Битола и нашата држава и ги собра златните медали на меѓународните турнири кои се одржаа во градот Лангада – соседна Република Грција.
Имено „ЗА НЕД ДО“ на покана на Грчката федерација за боречки вештини и спортови учествуваше на осмиот Интернационален и 12. Сегрчки шампионат за боречки вештини и спортови кој се одржа од 23 до 24 ноември 2019 година.
Натпреварувачите повторно манифестираа фантастичен настап па се вратија со дури 6 златни медали што е потврда за напорното работење и големата посветеност и професионалност на академијата.
На натпреварите учество зедоа членки од држави од светот и регионот на Балканот како и над 100 клубови од домаќинот со над 1.000 натреварувачи, додека нашиот тим беше составен од пет натпреварувачи кои се натпреваруваат во неколку дисциплини – повеќето борби.
Тимот на “ЗА НЕД ДО” го предводеше главниот тренер на Академијата – Дијана Неделковска.
“Ние на овој настан кој за грчките боречки спортови и вештини и спортови е буквално најголем во текот на годината, настапуваме веќе седми пат.
Голема чест ни е што Грчката федерација за боречки вештини не кани на настан на кој во основа нема грчки клуб или академија кои не учествуваат.
Воедно се одржа и интернационалниот натпревар. И на двата настани Академијата “ЗА НЕД ДО” години наназад е официјален преставник на нашата земја која е членка на Светската Федерација за боречки вештини и спортови.
И годинава, поради финансиите Академијата беше приморана да состави мал но компактен тим. Тргнавме со пет натпреварувачи, очекувањата како и секогаш беа посветени кон професионалниот технички дел во борбите и демонстрациите, а победите т.е 6 златни медали беа само потврда дека патеката по која чекориме е исправната.
Интересно е да се напомене дека за нашиот тим се натпреваруваше и д-р. Кире Здравески кој со своите 75 години беше највозрасниот натпреварувач на овој спортски настан.” – изјави Дијана Неделковска – главен тренер на Академијата “ЗА НЕД ДО”.