Ракометарите на Еурофарм Пелистер вчеравечер близу Атина ја остварија првата победа во ЕХФ Европската лига откако со 30:27 славеа на гостувањето кај АЕК.
Македонскиот претставник наметна свое темпо од самиот почеток и на крај успеа да стави крај на позитивната серија на противникот, кој победи на првите два меча во групата Д.
Битолчани по три кола имаат по една победа, пораз и реми, а тренерот Жељко Бабиќ е задоволен од прикажаната игра против АЕК.
– Одгравме перфектен натпревар. Поставивме одлична одбрана и брз контра напад. Момците завршија голема работа, горд сум на нив. Игравме одлично и завршивме голема работа. Не го гледав натпреварот на АЕК против Олимпијакос, но детално ги проучивме нивните адути со кои ги победија Татабања и Ним. Можеби малку изменив, игравме човек на човек врз нивниот најдобар ракометар и добро го неутрализиравме. Задоволство беше да се игра во Грција, истакна Бабиќ.