Битолското обвинителство ќе открива дали директорот со пyшка успивал мечка, ја влечел да ја спаси па се сликал, или ја yбил?

Основното јавно обвинителство во Битола денеска отвори предмет за случајот со застреланата мечка и фотографијата на која позира Сашо Дранго, заменик-директор на „Македонија пат“.

„По објавите во медиумите, оформен е предмет и започната е постапка за утврдување на сите околности. Обвинителството ќе побара од Здружението за заштита на животните ‘Анима Мунди’ да ни ги достават нивните материјали, како и евентуалните пријави поднесени до МВР или други државни институции“, соопштија од обвинителството.

Здружението „Анима Мунди“ денеска сподели фотографија на која заменик-директорот на „Македонија пат“ Сашо Дранго позира со мртва мечка, за која тврдат дека е жртва на незаконски лов. Здружението најави поднесување кривична пријава и побара одговорност од Дранго.

Дранго, во изјава за дел од медиумите, негираше дека ја застрелал мечката.

Според неговите зборови, животното настрадало во сообраќајна несреќа на патот Битола-Ресен, а тој и неговите колеги од „Македонија пат“ ја тргнале од коловозот. По тој повод, Дранго се фотографирал со мечката.

Истражните органи ги проверуваат сите наводи за да утврдат дали има елементи на кривично дело.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.