Битола ја најави журката на летото во Македонија! На 3. август сите патишта ќе водат кон стадионот “Петар Милошевски”

Ова лето, на 3 август, Битола ќе биде домаќин на еден од најголемите музички настани во историјата на градот. На Градскиот стадион „Петар Милошевски“ ќе настапи светската музичка ѕвезда и еден од највлијателните DJ артисти на сите времиња – Армин ван Бурен.

Настанот, во организација на Авалон продукција, претставува културен и музички настан од меѓународно значење, со што Битола се вбројува на мапата на градови што се домаќини на артисти од највисока светска класа. Спектакуларното шоу на Армин ван Бурен, познато по својата уникатност и силна музичка и визуелна компонента, ќе понуди незаборавно доживување за сите посетители.

„И да, настапите на Армин се уникатни и од музички аспект (не само од визуелен) и тоа е тоа што го прави поразличен од сите други кои доаѓаат од индустријата на електронската музика и тоа што го става заедно со Massive Attack и Nick Cave не само како важен музички настан, туку и настан од значење за културата ова лето во Македонија“, велат од Авалон продукција.

Општина Битола обезбедува логистичка поддршка на настанот, кој се очекува да привлече бројна публика од цела Македонија и од регионот, особено за време на Илинденските празници. Со тоа, се создава дополнителен импулс за развојот на културниот туризам и афирмација на Битола како културен и туристички центар.

Сите детали околу продажбата на влезниците ќе бидат објавени од страна на организаторот – Авалон продукција, вечерва, на 9 јуни, во 21:00 часот.

Со гордост го најавуваме почетокот на BITOLA OPENAIR – ново културно поглавје во нашиот град, исполнето со музика, енергија и заедништво.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.