Поранешниот македонски кошаркар и тренер, Зоран Петковски од Битола, почина денеска по подолго боледување на 47-годишна возраст.
Петковски ги започна кошаркарските чекори во Битола и беше дел од младинската репрезентација на Македонија, во генерацијата предводена од Митко Луковски. Во својата играчка кариера настапуваше за Куманово, Вардар, МЗТ Скопје, Соколи, повторно Пелистер и Радовиш.
Особено ќе биде запамтен по својот ангажман во КК Пелистер, со кој обезбеди промоција во Првата македонска кошаркарска лига. Подоцна, тој беше дел и од управата на тимот, оставајќи неизбришлив белег во клубот.
Петковски беше советник во Советот на општина Битола од ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 4 години, а во неделата беше избран за нов мандат.
Пријателите, колегите, спортските работници и голем број граѓани на социјалните мрежи денеска се простуваат од него.
-Со длабока тага и почит ја примивме веста за прераната смрт на Зоран Петковски, советник во Советот на општина Битола, човек кој со својата посветеност, енергија и љубов кон спортот остави неизбришлива трага во спортскиот живот на Битола. Неговата поддршка на спортските иницијативи и неговиот несебичен дух ќе останат запаметени како пример за вистински битолски патриот и спортски ентузијаст. Нека му е светол патот. Почивај во мир – напишаа од општина Битола.
-Битола загуби спортска легенда, сочувство до семејството, објавија од КК Пелистер Битола.
Сочувство до семејството испрати и ОК на ВМРО ДПМНЕ Битола.
-Со голема тага ја примивме веста за прераното заминување од овоземниот свет на Зоран Петковски, човек кој остави длабока трага во спортскиот живот на Битола. Како борец за спортот и активен поддржувач на многу спортски иницијативи, Зоран ќе остане запаметен по својата енергија, љубов и посветеност кон градот. Во име на ВМРО ДПМНЕ Битола изразуваме искрено сочувство до неговото семејство, пријателите и сите што го познаваа. Нека ти е светол патот, почивај во мир добар човеку, објавија од ВМРО ДПМНЕ Битола
























