Министерот за спорт Борко Ристовски денеска беше во посета на Битола и заедно со градоначалникот Тони Коњановски, изврши обиколка на инфраструктурните спортски објекти што се во фаза на реализација.
Ристовски најави дека од следната недела, по добивањето на надзор од Општина Битола, ќе продолжи изградбата на базенот во ОУ „Даме Груев“, еден од проектите кои беа почнати од Агенцијата за млади и спорт и со години беа оставени недовршени.
-Денеска заедно со градоначалникот на Битола, Тони Коњановски сме тука за да ве информираме и со задоволство да најавиме дека она што беше почнато пред неколку години и оставено да скапува, веќе од следната недела ќе продолжи со работа. Откако ќе добиеме надзор од Општина Битола продолжува изградбата на базенот во ОУ „Даме Груев“. Со нашето присуство денеска и со набавувањето на поголем дел од машинството за базенот уште еднаш потврдуваме дека ќе стоиме позади секое наше ветување. Се обврзавме до крајот на летото да ги завршиме сите пет базени, а базенот во Битола е еден од нив, и тоа ќе го исполниме. Продолжуваме посветено да работиме и да градиме подобри услови за спорт и рекреација, истакна министерот Борко Ристовски.
Базенот во Битола се очекува да биде завршен во предвидениот рок и да биде пуштен во употреба до почетокот на јули годинава.
Ова е еден од петте базени што беа почнати и оставени недовршени од Агенцијата за млади и спорт за кои Министерството за спорт се заложи да ги доврши и во текот на летото да ги стави во употреба.