Биле ѕверски мачени од бугарската полиција: На денешен ден се убиени Мирче Ацев и Страшо Пинџур

На денешен ден, 4 јануари 1943 година се убиени македонските револуционери Страшо Пинџур и Мирче Ацев, антифашисти, учесници и организатори на Народноослободителната борба на македонскиот народ во текот на Втората светска војна.

Во есента 1942 г., кога бил разбиен Велешкиот партизанскиот одред „Димитар Влахов“, Страшо Пинџур и Мирче Ацев дошле во Велес да ја консолидираат работата на партиската организацијата. На 19 декември 1942 г., бил извршен упад во куќата на Јован Митрев, при што тие двајца биле уапсени од бугарската полиција и спроведени во Обласната полициска управа во Скопје. Таму биле подложени на невидени измачувања од страна на иследниците.

Мирче не проговорил ниту збор, а Страшо извикал: „Ѕверови! Јас сум Страшо Пинџур! Доста е тоа за вас!“. По долго физичко измачување и без судски процес, обајцата биле убиени од бугарската полиција на 4 јануари 1943 година.

Истата вечер, телото на Страшо Пинџур било однесено во непознат правец и закопано на тајно место, така што до ден-денес не се знае неговиот гроб. На тој начин се остварило претскажувањето од неговиот дневник, кој го водел во 1933 г., каде запишал: „Јас ќе умрам млад, а гробот нема да ми се знае“.

Посмртните останки на Мирче Ацев биле украдени од активисти на Комунистичката партија и биле префрлени во Прилеп на 13 јануари 1943 г. со намера таму да се изврши нивниот погреб.

Бугарската полиција исплашена дека убиството на Мирче Ацев може да предизвика голем револт кај македонскиот народ во Прилеп и неговата околина, наредила по секоја цена да биде запленето неговото тело. Сепак, вечниот дом на Ацев останал енигма за полицијата која во наредните денови се откажала од безмислената потрага.

Мирче Ацев и Страшо Пинџур заедно со Стеван Наумов – Стив, Орце Николов, Христијан Тодоровски – Карпош и Кузман Јосифовски – Питу, на 29 јули 1945 година биле проглчасени за народни херои на Југославија, како едни од првите борци од Македонија кои го добиле тоа одликување.

Вечна слава на македонските херои Мирче Ацев и Страшо Пинџур кои се бореле за слободата на Македонија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.