2021 година, година на локални избори во Македонија, година кога се очекуваа промени во најголем број од општините во државата, кои тогаш беа раководени од владеачката гарнитура на СДСМ и ДУИ.
Двоецот на власт од 2017 до 2021 година, одновно нивните градоначалници, ретко каде успеаја да ги испорачаат ветувањата и промените од програмата “За живот”.
Граѓаните беа разочарани и гневни, им подготвија одговор зад параваните каков власта не очекуваше, а веројатно ниту опозицијата не се надеваше дека ќе освои таков резултат, освојувајќи ги притоа сите големи општини во Македонија.
Прилеп е секогаш општина каде најголемите политички партии гледаат мегдан за натпревар. Прилеп знаел да награди, но знаел и да казни. Иако во 2017 години причините за поразот на ВМРО-ДПМНЕ беа предизвикани од сосема поинаков инженеринг, каде патем беше вклучен цел државен полициски апарат, беа користени методи на заплашување, а се претпоставува дека имало и солиден поткуп. Згора на тоа тука беа и фабрикуваните прислушкувани разговори, кои придонесоа за победата на Илија Јованоски, чиј општински апарат во четири години целосно ги разочара прилепчани.
Во 2021 ВМРО-ДПМНЕ настапи со личност омилена кај граѓаните, човек со интегритет, достоинство, почитуван и ценет буквално од секого. Д-р Борче Јовчески го обедини членството на партијата, беше мост за помирување на разни крила во раководството на партијата, имаше симпатии кај неопределените, го гласаа дури и граѓани од спротивниот табор.
Посветеноста на професијата, познавањето на приликите во градот и долгогодишниот политички ангажман во ВМРО-ДПМНЕ, беа пресудни, па Јовчески однесе огромна победа од над 7.500 гласови разлика.
Иако прилепчани знаеја дека со централна власт на СДСМ и ДУИ, тешко можат да се очекуваат брзи резултати, сепак очекувањата беа големи. И токму така беше. Цели три години локалната самоуправа предовдена од Јовчески беше опструирана од централните власти, оставена без помош, заглавена во долгови (поточно 5 милиони евра долг) од претходното раководство.
Следеше период на консолидација на општинската каса, се правеа планови и проекти за во периодот по заздравувањето, а истовремено се вложуваше труд и напор за одржување на сите витални обврски на општината кон граѓаните.
Сега кога конечно општината е ослободена од долговите, кога администрацијата е ослободена од стегите, а сето тоа помогнато со дотациите од централната власт и парите за проекти од унгарскиот кредит, Прилеп има шанса да стане едно големо градилиште. Како дел од капиталните проекти кои се во тендерска процедура или на старт на реализација се:
-Изградбата на улицата “Победа”,
-Изградба на кружниот тек на мостот “Табана”,
-Реконструкција на ул. Орде Чопела – влез на градот од Македонски Брод
-Реконструкција на дел од плоштад Методија Андонов-Ченто (пред хотел Скопје) и поставување на урбана опрема
-Комплетна реконструкција, вклучително со електротехника, на улицата Трајко Николоски
-Изградба на ново детско игралиште во центарот на градот (позади Участакот)
-Изградба на ново детско игралиште на улицата Борка Спиркоски во населбата Типски
-Изградба на водоснабдителен систем во село Лениште
-Реконструкција на главен потисен цевковод за водоснабдување на Индустриската зона и комплексот на Манастирот Св. Димитрија во село Селце
-Изградба на фотонапонска централа која се поставува на објекти (на Пречистителната станица)
Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ ги соопшти имињата за кандидати за градоначалници на 26 општини, притоа за Прилеп се’ уште не е познато со кој кандидат партијата ќе ја бара поддршката на локалните избори. Неофицијално имено на Јовчески високо котира на партиските анкети.