Без засилувања во одбраната, РК Прилеп ги започна подготовките

Ракометарите на РК Прилеп ги започнаа подготовките за вториот дел од суперлигашката сезона. Aко во првиот дел најслаба алка во тимот на Божидар Мојсов беше одбраната, се чини така ќе биде и во пролетната полусезона.

Тимот неодамна го напушти пивотменот Томче Трајчески, кој важеше за еден од подобрите поединци, а засега замена за него нема.

Ракометните вљубеници од Прилеп велат дека најдобро решение во една ваква ситуација, и решение кое нема да предизвика поголеми финансиски импликации, е враќање на екс капитенот Филип Велески на терените.

Велески кој со крајот на минатата сезона стави крај на играчката кариера, важеше за столб во одбраната и често неговите голови беа пресудни за бодови минатата сезона.

Останува во периодот кој следи да видиме како ќе реагира раководството и стручниот штаб на клубот.

РК Прилеп во првиот дел од сезоната забележа шест победи, два нерешени резултати и осум порази. Со 14 освоени бодови, прилепчани се на делба на седмото место, два помалку од Бутел на петтото место, кое води во плеј-оф разигрувањето.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.