Банкнотата од 5.000 денари заминува во историјата – во оптек се пуштаат новите 200 и 2000 денари

20161104092117yjn65u56u56

Народната банка на Република Македонија од 15 декември годинава ќе ги пушти во оптек книжните пари во апоени од 200 и 2.000 денари, а истовремено ќе ги повлече од оптек банкнотите од 5.000 денари.

НБРМ информира дека одлуката за издавање книжни пари во апоени од 200 и 2.000 денари е произлезена од реално согледаната потреба за ребалансирање на постоечката апоенска структура на книжните пари во оптек.

– Постоечката апоенска структура на книжните пари што се во оптек од 8 септември 1996 година до денес нема претрпено промени и воведувањето на овие два нови апоена претставува прва промена којашто се спроведува по период од 20 години. Ваквата одлука е донесена врз основа на истражувања и анализи на сите постоечки фактори, при што се утврди дека постојат реални потреби за воведување на двата нови апоена. Воведувањето ќе овозможи зголемување на понудата на апоените што се на располагање при вршење готовински трансакции, а како секундарен ефект се очекува урамнотежување на побарувачката за одредени деноминации, појаснуваат од НБРМ.

Додаваат дека искуствата покажуваат и дека, во одредени случаи, потребно е да се елиминира некоја од деноминациите со цел структурата на деноминации да стане покомпактна.

– Книжните пари со апоенска вредност од 5.000 денари не се прифатени од пошироката јавност заради нивната висока номинална вредност, ограничена е застапеноста при вршењето на готовинските трансакции и размена, првенствено во трговијата. Нивната примена во секојдневните трансакции е незначителна, велат од НБРМ.

 Истакнуваат дека потреба од книжни пари со оваа деноминација не пројавувале ниту банките и наместо нивната количина во оптек од година во година да се зголемува, таа постојано опаѓала и затоа тие ќе престанат да бидат законско средство за плаќање на 15 декември 2016 година.

Деловните банки во Република Македонија ќе ги заменуваат книжните пари со апонска вредност од 5000 денари од 15 декември 2016 година до 28 февруари 2017 година, а од 1 март 2017 година нивната замена ќе се врши од страна на Народната банка на Република Македонија.

За соодветно да се вклучат во системот на готовинското работење и заради непречено одвивање на готовинските трансакции, со новите апоени нивното пуштање во оптек е предвидено за 15 декември 2016 година. Во меѓувреме, временскиот период од пристигнувањето на книжните пари до нивното пуштање во оптек ќе се искористи за едукација и запознавање со основните карактеристики и заштитни елементи на книжните пари на вработените во банките и другите финансиски институции. Исто така тоа е време во кое можат да се спроведат и активности за приспособување на софтверските модели на машините за обработка на книжните пари, банкоматите и останатите автоматизирани машини за самопослужување коишто работат со готовина, што ќе овозможи непречена циркулација на новите апоени.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.