Бабунски пристигна во Прилеп: “Ја знам прилепската публика, ветувам многу работа, ќе тренираме по 2 пати на ден”

Вчера со првиот собир повратникот во Првата лига прилепска Победа ги стартуваше подготовките. Првиот човек на клубот Благоја Гешоски го претстави на играчите новиот Шеф на Стручниот штаб Бобан Бабунски. Тој најави дека подготовките ќе се одвиваат во Прилеп затоа што клубот има сосема солидни услови за реализација на комплетно замислениот тренажен процес.

Во својата прва изјава и обраќањето пред прилепската јавност Бабунски акцентираше неколку работи:

-Би сакал да се заблагодарам на укажаната шанса да бидам на кормилото на Победа и да работам во интерес на прилепскиот фудбал. Ја следев Победа на повеќе натпревари. Да ја продолжиме добрата игра од Втората лига. Тука се и младинците кои остварија одличен успех и со освоената титула ќе играат во Европа. Има тука неколку деца со фантастичен потенцијал и на нив треба да се гради иднината на клубот и трудот кој повеќе години наназад со оваа генерација го вложи нивниот тренер Филип Мирчески. Да му честитам и на претходниот тренер колегата Димитар Капинковски, а ние треба да ја надоградиме таа добра слика на Победа во повисок ранг – во прволигашка конкуренција.

-Среќен сум што ќе работам со млади играчи кои имаат желба да напредуваат. Предизвик е за мене да придонесам во клупските амбиции Победа да биде стабилен прволигаш. Ја знам добро прилепската публика, сум играл тука и добро ми е познат амбиентот во најфудбалскиот град. Во секој случај предизвик е за сите да работиме максимално, сите заедно да бидеме во функција на клубот. Да ги подобриме сите перформанси како индивуидуални статистики на секој играч така и на тимот во целина како би можела Победа да биде на нивото кое сите го посакуваме. Можам да ветам многу работа. Ќе тренираме двапати на ден, во план се повеќе контролни натпревари, а 3 се веќе закажани со Брегалница (5 јули), Работнички (13 јули) и Струга Трим Љум (23 јули), како и на традиционалниот турнир ,,Вуко Каров„ во Кавадарци на крајот на јули.

-Добро ми е познат ростерот со кој располага Победа, ги анализирав играчите и мислам дека неоспорен е потенцијалот, а некои играчи и не се свесни за потенцијалот со кој располагаат. Се споивме со Победа и Гешоски со моите амбиции да помагам да создадеме поквалитетни млади играчи, со репрезентативен калибар кои во иднина би дошле до интернационални трансфери со кои и финансиски би помогнале на клубот.

Сигурно ќе играме за бодови но и со модерен стил, со посед и контрола и офанзивно-онака како што и верувам посакува пребирливата прилепска публика. Овие млади играчи ја поттикнаа публиката да се врати, инспирираа и многумина по повеќе години да се вратат на трибините, а со нивниот потенцијал и квалитетот кој низ работа треба да го подигнеме на повисоко ниво верувам во успешна сезона.

Според планот на Бабунски, во чиј Стручен штаб се помошниците Благојче Дамевски и Филип Мирчески, кондициониот тренер Сребре Стефаноски и тренерот на голманите Дејан Кебакоски, екипата секој ден ќе има по 2 тренинзи.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.