Црвена Ѕвезда го одиграа последниот подготвителен натпревар во Словенија пред квалификациите за Лигата на Шампиони.
Комбинираниот состав на „црвено-белите“ го совлада словенечкиот нисколигаш Радомлје со 3-1, а главна ѕвезда на натпреварот беше нашиот Давид Бабунски. Ова беше последна проверка на тренерот Миодраг Божовиќ, кој на овој меч настапи без стандардните првотимци, шанса добија тие од кои очекува да бидат голема конкуренција во тимот и да се борат за влез во првиот тим.
А токму нашиот млад репрезентативец, Давид Бабунски максимално ја искористи својата шанса. Одигра одличен меч, беше стрелец на два и асистент на еден гол.
Првиот гол го постигна во 19. минута од пенал. Во финишот на првото полувреме Бабунски одлично нафрли од корнер, по што Урош Рачиќ зголеми на 2-0.
Во 65. минута Давид имаше извонреден соло пробив по што биеше прецизно, постигнувајќи го својот втор гол и заслужено епитетот „играч на мечот“.
Фудбалерите на Црвена Ѕвезда во вторник патуваат во Малта, каде ги очекува дуелот од 2. коло во квалификациите за Лигата на Шампиони против тимот на Валета.