Лидерот на ДУИ Али Ахмети на украинска делегација со која разговарал ѝ дал совет Украинците никогаш да не се предаваат, како што не се предала УЧК во 2001 година, пренесува Инфомакс.
– Војната Русија-Украина и натаму претставува жешка зона. Се сретнав со една делегација од Украина и им реков: ‘Вие ќе ја добиете оваа војна. Бидете силни и не предавајте се никогаш, така победивме и ние, бидејќи ние не се предадовме никогаш!’ – рече синоќа лидерот на ДУИ Али Ахмети на партискиот собир во шарпланинското село Шипковица“ – објави телевизијата на албански јазик „Шења“.
За Украина тој рече дека „како земја сме се солидаризирале со оваа држава, која се наоѓа во војна, но немаме повеќе можности да сториме, освен да им испратиме музичка група“.
– Ние сме се солидаризирале со Украина морално, но само толку можеме. Бидејќи оние оружја, што ги имаме, тие не ѝ требаат на Украина. Или можеме да им испратиме музичка група, друго нешто не можеме да им однесеме – рече лидерот на ДУИ на партискиот собир во Шипковица.
Бездруго инспириран од Украина, потоа Ахмети, како поранешен врховен командант на УЧК, а сега претседател на ДУИ, евоцирал спомени од партискиот собир во Шипковица, а потоа дел и од своите „послевоени спомени“, велејќи: „ДУИ е дом на војници, бидејќи 10 илјади војници потпишаа за создавањето на овој дом со име ДУИ.“
Извор: Infomax.mk