Асфалтот попушти, но одговорноста не: Општина Битола со итна акција за “Бурса”

Во насока на надминување на проблемите со оштетениот асфалт на улица „Бурса“, Општина Битола, во координација со Единицата за имплементација на Проектот за поврзување на локални патишта во Република Македонија при Министерството за транспорт и Светска банка, иницираше детални лабораториски анализи на вградениот асфалт.

Целта на постапката е утврдување на причините за појавените оштетувања и дефинирање на соодветно и трајно решение.

Градоначалникот Тони Коњановски, при посетата на теренот, истакна дека приоритетот на Општината е дефинирање и спроведување на оваа локација на трајно и ефикасно решение, кое во иднина, ќе спречи појава на слични дефекти и на други улици.

„Секогаш инсистирам да зборуваме за решенијата, бидејќи граѓаните не заслужуваат само објаснувања за проблемите – туку конкретни и видливи резултати од реализацијата на инвестициите. Иако Општина Битола не е директен финансиер на овој проект, како краен корисник имаме одговорност да бараме квалитетна реализација, без дополнителен финансиски товар врз општинскиот буџет,“ нагласи Коњановски.

Градоначалникот потврди дека во моментов се вршат лабораториски испитувања на вградениот асфалт, чија анализа треба да покаже дали се исполнети потребните критериуми, посебно имајќи го предвид фактот што низ улицата треба да сообраќаат тешки товарни возила.

„Нашата заложба е јасна – да изградиме инфраструктура што трае. Тоа треба да биде заложба и на секој изведувач на градежните работи. Тука сум за да најдеме решение и да спречиме појавување на вакви проблеми на други локации. Од секоја идентификувана слабост мора да извлечеме поука и да поставиме повисоки стандарди за секој нареден проект, а со тоа да спроведиме решенија и да не дозволиме неквалитетна изведба“ додаде Коњановски, кој за време на целата реализација на проектот ја следи изведбата на терен.

Со ваков пристап, Општина Битола испраќа порака дека транспарентноста, одговорноста и квалитетот се клучните принципи во реализацијата на капиталните проекти.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.