Апел од храмот Св. Петка до верниот прилепски народ:
Возљубени браќа и сестри,
Од осветувањето на храмот „Св. Петка“ во 2015 година до денес, со ваша несебична поддршка, голем дел од неговите свети простори се исполнети со прекрасен фрескоживопис. Вашата љубов кон православната уметност и духовната убавина сведочи за силната вера што ја носите во срцата.
Сега пред нас стои последниот чекор – остана уште помалку од една третина од ѕидните површини кои треба да бидат живописани со свети ликови, кои ќе сведочат за нашата вера низ вековите. Ова е историски момент во кој сите заедно можеме да го овековечиме нашиот придонес за идните генерации.
Ве повикуваме да станете дел од ова свето дело и да дарувате за фрескоживописот на нашиот храм. Вашето дарение нема да биде запишано само на небесата, туку и во срцата на сите што ќе се молат под овие иконични претстави. Тоа ќе биде сведоштво за вашата љубов кон Бога и кон Неговата Црква.
Секој ваш придонес е благослов не само за вас и вашите семејства, туку и за сите верници кои ќе го најдат својот духовен мир и утеха во прегратките на овој свет храм. Фреските не се само украси – тие се прозорци кон вечноста, духовни огледала што нè потсетуваат на Божјата љубов и присуство меѓу нас.
Нека ова дело биде наш заеднички завет, наше сведоштво пред Бога и пред идните поколенија. Да продолжиме да ја градиме оваа духовна тврдина со истата љубов и посветеност со која нашите предци ги граделе храмовите низ историјата.
Во продолжение, на официјалната Фејсбук страница на храмот „Св. Петка“ ќе бидат објавени посебни информации за слободните површини кои треба да бидат фрескоживописани, како и за светите ликови што се предвидени на нив. Постои можност за мали поместувања или отстапки во одредени случаи, а на некои места може да се изврши замена на одредена фреска со друга, но во сличен контекст. За подетални информации, заинтересираните можат да се обратат кај зографот Дејан Кратевски (075 358 359), одговорното лице Дамјан Трпкоски (078 359 363) или в.д. старешина протоереј Љупче Петрески (071 242 954).
Со Божји благослов,
Храм „Св. Петка“ – Прилеп