Апасиев бара ново кривично дело во КЗ „Изборна измама“: Заев даде амин за изградбата на „рудниците на смртта“

Димитар Апасиев на социјалните мрежи повторно со жестоки критики до Заев и Владата поради неисполнетото ветување за стопирање на изградбата на рудникот во Иловица.

Апасиев иронично побара воведување на ново кривично дело во Кривичниот Законик, „Изборна измама“ кое евентуално ќе ги инкриминира дадените лажни ветувања со цел добивање на власт.

Апасиев во својот Фејсбук статус уште еднаш побара „стоп за рудниците на смртта“.

Еве што напиша Апасиев:

Добро бе човече, имаш ли ти ОБРАЗ?
Шо зина – излажа!
Шо фати – се исуши!

Можеби е добро да се размисли за воведување на ново кривично дело во КЗ – „Изборна измама“ кое ќе ги инкриминира дадените лажни предизборни ветувања со цел докопување до власт. А не вака, секој лицемер да си игра курташак со народот. За едно те гласале, друго правиш!?

p.s. Очигледно не ни иде со „државници“ од Струмица. Се пораз до пораз.

#НемаДаВиПомине
#СТОПзаРудницитеНаСмртта
#РатниПрофитери, напиша Апасиев на својот Фејсбук профил.

Во домот на АРМ во Струмица, лично премиерот Заев речиси четири часа ги убедуваше граѓаните и активистите дека рудникот нема да нанесе штета на здравјето на граѓаните. Меѓу присутните на средбата присуствуваше претставници на компанијата носител на проектот, „Еуромакс“, како и други засегнати страни.

Откако заврши средбата на изненадување на граѓанските активисти кои присуствуваа на средбата, Владата на Република Македонија соопшти дека рудникот во Струмица сепак ќе се отвори.

Од еко организацијата Здрава Котлина од Струмица велат: „Ние не учествуваме во никакво мониторинг тело за следење на работата на рудникот, бидејќи не прифаќаме рудник да се отвори!“.

Од здружението Здрава Котлина велат дека во соопштението на владата недостасуваат аргументите од експерти кои долги години работат на ова поле, чии сведочења идат во прилог на она што го велат граѓанските организации.

Имено професорот Трајче Стафилов, раководител на Хемискиот институт при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вели дека рудниците од затворен коп Саса и Злетово, кои се само 5% од капацитетот на Иловица-Штука, имаат загадено површина од 15,000 хектари, за која тој тврди дека е најзагадената почва во Европа. Тоа покажува дека и рудниците со затворен коп не се безбедни за околината.

Извор: “Курир”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.