Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Игор Ангеловски, очекува враќањето на Горан Пандев во националниот тим да ја подигне атмосферата и да го зголеми мотивот кај останатите играчи за постигнување подобри резултати во новиот квалификациски циклус.
– Горан Пандев ќе биде предводник на селекцијата и тоа е најдобрата вест за македонскиот фудбал. Повратници во тимот се Адис Јаховиќ, како и Мартин Богатинов и Јован Костовски. Имаме проблеми со голманите, Давид Митов е повреден, а во составот се Столе Димитриевски и Мартин Богатинов, кој стандардно брани на Кипар. Приоритет е фудбалерите да се стандардни. Сите што се повикани се стандардни, освен Александар Трајковски кој игра во врвна лига, во тимот сменија многу тренери, но очекувам да се наметне. Проблем е и повредата на Мојсов, кој не може да помогне на овие натпревари, вели Ангеловски.
За претстојните пријателски средби со Словенија и Бугарија, Ангеловски смета дека резултатите се битни, иако се работи за контролни мечеви.
– Резултатот е најбитен, иако е пријателски натпревар. Словенија и Бугарија се исклучително квалитетни селекции, ние и понатаму ќе настојуваме да играме со квалитетни противници, се со цел подготвени да бидеме за квалификации.
Македонија на 23 март и гостува на Словенија во Копер, додека на 29 март ја пречекува Бугарија на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје.