АНАЛИЗА: “Шарената” математика (лага) на СДСМ за повратот на ДДВ

СДСМ започна да работи активно и енергично, да не речам „бомбастично“, започна да промовира мерки, да дава предлози, идеи, да ветува, со еден збор, да води предизборна кампања. Нешто невообичаено за нив, но ете и тоа се случува. И навистина ваквиот начин на работа е далеку подобар за една партија отколку претходното „бомбардирање“ со телефонски муабети, но и насилни протести и дигање тензии.

matematika

                Во овој период треба да дојди до израз креативност и идејноста на партиите и нивните лидери и да се промовираат нивните визии за иднината на Република Македонија. А гласачите се тие кои ќе одлучат на која партија ќе и ја дадат довербата и ќе и го доверат мандатот да владее во наредните четири години, или барем до наредните предвремени избори.

И ете стигна и првата предлог мерка на СДСМ, промовирана лично од страна на лидерот Заев-на граѓаните ќе им враќаат по 15% од платениот ДДВ. Односно, секој граѓанин ќе си добие назад 15% од ДДВ-то што тој го платил во годината. Додуша, не им е првпат да ја промовираат оваа идеја. Тоа го направија за прв пат есента во 2013 година, па потоа се зафатија со други „бомбашки“ активности, за пак сега повторно да ја актуелизираат старата идеја.

Според Заев и СДСМ, благодарение на оваа мерка на крајот на годината граѓаните ќе добивале една плата гратис од државата, демек тринаесетта плата. Или како што рече самиот Заев на средбата со граѓаните во Валандово:

„Сите ние граѓани плаќаме секој ден за се што значи наш живот. Секаде го плаќаме данокот на додадена вредност. Ако потрошите илјада денари, имате 180 денари ДДВ внатре. Ние предлагаме 15 проценти од тоа ДДВ што го има на секоја сметка, за вода, за храна, за облека, за струја, за се што плаќаме, 15 проценти да се врати назад кон граѓаните.  И додаде: „Тоа ќе обезбеди годишно 30 илјади денари, односно, уште една плата повеќе во секое семејство. Со тие пари граѓаните може да си ги платат давачките, трошоците, извршителите, кредит да вратат, или дел од кредит да вратат, да купат нова соба на младите дома, да може да платат годишен одмор. 30 илјади денари секое семејство ќе има дополнителен приход“.

Да немав барем малку познавања во тоа како функцинира даночниот систем во Република Македонија можеби и јас малку ќе се подзамислев – па не е така лошо да се земи уште една плата-тринаесетта, четиринаесетта ако подобро се снајдам. Мислам тука нема ништо лошо.

Но, пресметката не вели така. Прво, одма ќе го демантирам-во потрошени 1.000,00 денари имаме меѓу 48,00 и 153,00 денари платено ДДВ , во зависност од тоа дали сме купиле стока или сме користела услуга оданочена со 5% или 18% ДДВ. Еве да земиме една просечна плата во Република Македонија од 20.000,00 денари. Велам просечна, а после ќе го пресликаме ова и на најниската плата. Да земиме едно просечно семејство од четири члена-двајца полнолетни и двајца малолетни, да не речам двајца работоспособни и двајца издржувани. Ако во едно семејство имаме еден вработен (нели таква беше политиката на СДСМ-по еден вработен во секое семејство) со просечна месечна плата од 20.000,00 денари, тогаш тоа семејство не можи да потроши повеќе од тие 20.000,00 денари. Во Република Македонија денес постојат две даночни стапки за ДДВ-редовна од 18% и повластена од 5%. Да претпоставиме дека целата плата се троши за набавка на стоки и услуги (што во никој случај не е така) кои се одданочени со 18% ДДВ. Тоа значи дека овој граѓанин или ова семејство месечно и плаќа на државата 3.051,00 денари ДДВ. Според пресметката на Заев и СДСМ, ова семејство би остварило поврат на ДДВ во висина од 15% од платениот ДДВ, а тоа би било 458,00 денари месечно или 5.496,00 денари годишно. Еве признавам, износот и не е мал. Ама овде ставивме една претпоставка-дека целата плата ќе се троши за набавка на стоки и услуги оданочени со 18% ДДВ. Но, тоа во реалноста не е така. Со 18% се оданочени пијалоците, кафето, цигарите и други стоки и услуги кои можиме да ги сметаме за луксузни. А додека целокупната храна се оданочува со 5% ДДВ. Е сега ако примениме 5% ДДВ на истиот износ од 20.000,00 денари и добиваме дека месечно ова семејство би платило ДДВ во износ од 952,00 денари, при што би добило поврат на ДДВ во износ од 143,00 денари месечно, или 1.716,00 денари годишно.

Месечно примање 20.000,00 20.000,00 10.080,00 10.080,00
Даночна стапка 18% 5% 18% 5%
Платен ДДВ 3.051,00 952,00 1.538,00 480,00
Поврат на ДДВ 15% (месечно) 458,00 143,00 231,00 72,00
Поврат на ДДВ 15% (годишно) 5.496,00 1.716,00 2.772,00 864,00

Овде имаме и друг проблем. Математиката ја применивме на просечната плата од околу 20.000,00 денари. А просечната плата не ја земаат сите граѓани. Овде не мора да споменам дека и покрај сите напори на Владата на ВМРО ДПМНЕ, за зголемување на пензиите, просечната пензија е пониска од просечната плата. Ако ја применам оваа пресметка на најниската плата од околу 10.100,00 денари ќе добиеме уште полоши резултати за СДСМ. Во овој случај семејството или граѓанинот би добил поврат на ДДВ меѓу 900,00 денари и 2.700,00 денари годишно, што е секако далеку под оние 30.000,00 денари што Заев и СДСМ ги промовира.

И на крај да ставам до знаење дека не сите деловни субјекти, односно фирми се обврзани да се регистрираат за ДДВ обврзници. Пример, занаетчиите (бербери и фризерски салони), пазарџиите од зелените пазари, маалските дуќанчиња, кои имаат мал обем на промет, немаат обврска и не се регистрирани како ДДВ обврзници. А токму добар дел од своите примања граѓаните ги трошат кај овие фирми. Во таков случај граѓаните нема да добијат право за поврат на платениот ДДВ. Или пак, за да обезбедат поврат на платениот ДДВ, граѓаните нема да купуваат од овие фирми. А тоа значи крај за работењето на овие фирми и отпуштање на вработените од таму.

Мојата пресметка многу отстапува од она што Заев и СДСМ се обидуваат да му го „продадат“ на македонските гласачи. 30.000,00 денари годишен поврат на ДДВ е неверојатен за едно просечно македонско семејство, во кое има дури и двајца вработени со месечни примања од две просечни плати или околу 40.000,00 денари.

Но, ако ја свртиме пресметката обратно и тргнеме од овие фамозни 30.000,00 денари што треба да се остварат како поврат на ДДВ за едно семејство, тогаш тоа семејство треба да оствари месечна потрошувачка помеѓу 110.000,00 и 350.000,00 денари.

Месечно примање 110.000,00 350.000,00
Даночна стапка 18% 5%
Платен ДДВ 16.780,00 16.667,00
Поврат на ДДВ 15% (месечно) 2.517,00 2.500,00
Поврат на ДДВ 15% (годишно) 30.204,00 30.000,00

Ваква потрошувачка или ваков стандард имаат многу мала група на граѓани во Република Македонија. Евентуало, само оние што „рентаат“ станови на сопствените фирми  од околу 5.000 евра месечно.

Да заклучиме, СДСМ повторно се обидува со ситни трикчиња да ги залажи граѓаните. Оваа нивна мерка не е ништо друго туку една голема лага од типот на онаа од 2002 година за еден вработен во секое семејство. Ова е обична глупост што нема никаква врска со реалноста, ниту пак можи да се спроведи во дело. Таа служи само за замајување на јавноста и евентуално залажување на нивното членство дека, еве раководството почнало веќе нешто да работи. Меѓутоа, со ова тие само ја потценуваат интелигенцијата на граѓаните. Нека не се чудат кога повторно ќе ги загубат изборите во декември. Едноставно, СДСМ овие 10 години не научи дека граѓаните не им веруваат на нивните „шарени“ математики.

 

Иле Тасески

Авторот на текстот е Дипломиран економист




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.