Американски конгресмен бара поделба на Македонија – ММДЧП бара негова оставка и го повика претседателот Трамп да даде поддршка за Македонија

Американскиот конгресмен Дана Рохрабачер вели дека Македонија не е држава и дека треба да се подели. Во интервју за Визион Плус од Тирана, Рохрабачер истакна дека создавањето на македонската држава е пропаднат проект и сега според него, сите околности се создадени нејзините делови да им се дадат на соседните држави, вклучувајќи го и Косово и Бугарија.

14600875_1102296893192790_2166192706402359203_n

На ваквата изјава на американскиот конгресмен, реагираа од Македонското меѓународно движење за човекови права. Во прилог ви го пренесуваме целосното соопштение.

Првата поделба на Македонија како да не беше доволна, па американскиот конгресмен Дана Рохрабакер одлучи да бара понатамошна поделба, изјавувајќи „Жалам што ова ќе го кажам, но тоа не е држава. Косовците и Албанците во Македонија треба да бидат дел од Косово. Другиот дел на Македонија треба да стане дел од Бугарија или било која друга земја за која што тие тврдат дека се поврзани.“ Државата на која што Македонците припаѓаат, г-дине Рохрабакер, е Македонија – вековна нација која што заслужила да биде држава. А вие ‘го пробивте дното’ покажувајќи тотално незнаење. И згора на се’, покажувате тенденција да ја продолжите политиката на претходните американски власти кои што го поддржуваа албанскиот иредентизам.

Извинување во овој случај не е доволно. ММДЧП не само што бара ваша оставка, туку и јавна осуда. Во изминатите седум децении, САД со својата надворешна политика, предизвика, буквално кажано, катастрофи. Една од клучните пораки во претседателската кампања на Трамп беше дека ќе стави крај на американскиот интервенционизам. Конгресменот Кристофер Смит направи еден позитивен чекор, иницирајќи истрага од страна на Конгресот за Амбсадата на САД и нејзиното мешање во внатрешните работи на Република Македонија, обидувајќи се да ја собори демократски избраната македонска влада. Ваквото мешање предизвика голема криза и политички безредија во државата.

Г-дине Рохрабакер, во 1913-тата година Македонија беше поделена меѓу Србија, Бугарија и Грција, а нешто подоцна и Албанија. Сите овие земји започнаа кампањи за насилна асимилација или истребување во нивните обиди за искоренување на постоењето на Македонците. Прогонството на Македонците продолжува и во денешно време. Пред, и по поделбата на Македонија, огромни бранови на македонски имигранти пристигнуваа на островот Елис, избегнувајќи на тој начин угнетување и барајќи слобода. Со еден кус поглед на зачуваните документи од 19-ти и 20-ти век за ‘Имиграција во Америка’ може да се види дека под графата за националност, кај многу доселеници е запишано МАКЕДОНСКА. Едноставно кажано, чист американски доказ дека Македонија не била „идеја“ измислена пред 30 години, како што вие наведовте на албанската телевизија. Г-дине Рохрабакер, вашето бесрамно непочитување на американските вредности, како и комплетното непознавање на основните принципи на надворешната политика, на историјата и на граѓанските и човекови права, тотално ве дисквалификуваат за вршење на било каква јавна функција.

Претседателе Трамп, ММДЧП бара од вас да го исполните вашето предизборно ветување и да ставите крај на секакво мешање во внатрешните работи на Македонија. Суспендирајте ги преговорите за името кои што се спонзорирани од Обединетите Нации и од САД, со кои што се бара менување на историското име на Република Македонија, кое што секако подоцна би предизвикало хаос во целиот регион. Објавете дека името на Македонија е, и секогаш било, Македонија. САД ја признаа Македонија во 2004-тата. А оваа 2017-та година е година кога САД мораат да дадат безрезервна поддршка за најосновните човекови права – веднаш да се стави крај на преговорите за името.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.