Водечката муслиманска невладина организација во САД побара од фаворитот на Републиканската партија за номинација за претседателски кандидат на претстојните избори, Доналд Трамп да се извини поради изјавата дека „Исламот го мрази Западот“.
– Антимуслиманската реторика на Доналд Трамп не е одраз на лидерство, туку начин на размислување полн со предрасуди, кој само доведува до поделби на нашиот народ и на светот, наведе во соопштение Нихад Авад, директор на Советот на американско-исламските односи.
Трамп во средата вечерта во интервју за Си-Ен-Ен изјави дека смета оти Исламот го мрази Западот.
– Мислам дека Исламот не мрази. Во прашање е невидена омраза, рече Трамп.
На прашањето на водителите дали смета дека постои војна меѓу Западот и радикалниот Ислам или војна меѓу западнот и самиот Ислам Трамп одговори: „Тоа е радикален пристап и мошне е тешко да се одреди и одвои, бидејќи не се знае кој е кој“.
За време на синоќешната дебата на прашањето дали со оваа изјава мисли на сите муслимани Трамп одговори: „Мислам на повеќето од нив“.
Трамп додаде дека постои голема омраза кон Американците од страна на муслиманите, потсетувајќи на нападот од 11 септември 2001 година.