“Алфа”: Во Прилеп бројот на пожари зголемен за 40%, месечно имало околу 100 случаи

Во Прилеп во последните два месеци е зголемен бројот на пожари, а главни причини за тоа се неисправни оџаци и палење стрништа, алармираат од прилепската противпожарна единица. Оттаму апелираат за поголема совесност и одговорност – објави “Алфа ТВ”.

Виктор Стојчески, командир на прилепската противпожарна единица, вели дека бројот на пожарите е зголемен за 40 % во споредба со минатата година и месечно се околу 100, главно во урбаните средини на оџаци и поради палење стрништа.

Годинава имаме драстично зголемување на бројот на пожарите и тоа за 40 % повеќе од лани. Месечно се околу 100 пожари, а лани биле 70 до 80. Најголемиот број се во урбана средина, на оџаците бидејќи не се исчистени навремено. А во селата, се палат стрништа, посебно на ридовите и на шумски терени. Апелираме на поголема совесност и одговорност на граѓаните, вели Стојчески.

Од противпожарната единица посочуваат дека оџаците не се чистат навремено оваа зима, па има повеќе пожари. Од друга страна, пожарникарите имаат голем број непотребни интервенции, особено со палењето стрништа кога се доведуваат во ризична состојба.

Сите домаќинства кои користат огревно дрво, да вршат контрола на исправноста на оџаците и редовно да ги чистат. Исто така, да се исклучуваат електричните апарати при напуштање на просториите. Од друга страна, во атарите на селата, да се внимава, да не се палат стрништа и треви. Доколку тоа се прави, да биде на одговорност на самите извршители. Правиме непотребни интервенции и сме изложени на непотребен ризик, а се уништуваат и опремата и камионите, вели Стојчески.

Нема изречени казни за неодговорно однесување и предизвикување пожар. Апелот е токму поради тоа: да се подигне свеста и одговорноста кај луѓето за да нема казнени политики, велат од противпожарната единица.

Противпожарната единица во Прилеп моментално брои 42 вработени и на располагање се 7 возила. Според нормите,општина Прилеп треба да има барем 65 пожарникари.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.