Не стигнуваат реакциите откако министерот за здравство најави дека државјаните на Косово ќе се лекуваат во Македонија по исти цени како македонските државјани.
Докторот Александар Митов реагира дека тоа нема таков капацитет и дека тоа не го прават ниту Сингапур и Швајцарија за своите соседи.
„Дај Боже да имавме толку висок здравствен буџет па да ги лекуваме сите околни земји… Но, немаме.
Па дури и Сингапур и Швајцарија не лекуваат граѓани на околни земји. Треба само површно познавање на буџетите на болниците за да се знае каква е реалната состојба. Значи, за некои работи не треба ни анализа за да се види дали се реални и можни. Треба само малку информираност и здрав разум. Но, не само пари, и последниве ги нема…“, напиша Митов на Фејсбук.
Ова следува откако денеска Министерството за здравство донесе одлука за нивелизација на цените на здравствените услуги во РМ, како за државјаните на земјата така и за граѓаните од Косово и Албанија. Според министерот за здравство, Фатмир Меџити, тука нема да застане туку ќе побара билатерална соработка и со Србија и Грција, објави ТВ 21.
-Косовските граѓани плаќаа двојни цени и тоа само во јавното здравство, а не во приватното. Дадовме наредба од Министерството за здравство ова да се израмни и да има исти цени како за државата, бидејќи всушност не доаѓаат странци во Македонија, тие се од Косово, особено за здравствени потреби. Презедов мерки и за граѓаните од Албанија кои доаѓаат и ги посетуваат болниците во Охридскиот регион – изјавил Меџити.