Активизмот, работата на терен, добрата дебата, се само дел од причините за скокот од 3,4 отсто на ВМРО-ДПМНЕ за само два ипол месеци. Неостварените ветувања, криминали и афери се причината за падот на рејтингот на СДСМ.
На вакви резултати веќе извесен период алудираат поголемиот број на политички аналитичари и експерти кои велат дека граѓаните имаат големо разочарување во власта поради дадените лажни ветувања и погрешните чекори кои ги презема.
Анкетата на Телма која ја спроведе МЦМС на крајот од месец јули, покажува драстичен раст во рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ во месеците од летото.
За аналитичарите и граѓаните, ова е резултат на зголемениот активизам и присутност на терен од страна на ВМРО-ДПМНЕ и лидерот на партијата Христијан Мицкоски, како и лидерската дебата по која многу работи станаа појасни.
ВМРО-ДПМНЕ на најновата анкета е со 24 отсто рејтинг, што е скок од 3,4 отсто споредено со нивната анкета во месец мај, каде ВМРО-ДПМНЕ имаше рејтинг од 20,6 отсто.
И додека ВМРО-ДПМНЕ има скок во рејтингот, СДСМ има пад, а тоа е последица на неостварени ветувања, криминали и афери на партијата на Зоран Заев.
СДСМ, на најновата анкета има рејтинг од 24.4 отсто, а на истата анкета во мај имала 25,5 отсто, што е пад за 1.1 отсто.
Аналитичарот и социолог Ивана Љушева вели дека анкетните резултати и скокот на ВМРО-ДПМНЕ се последица на зголемената присутност на терен.
-Тоа е периодот кога ВМРО-ДПМНЕ организираше голем митинг во Скопје и неколку последователни собири низ поголемите градови. Исто така свое влијание имаше и дебатата меѓу лидерот на опозицијата и власта Мицкоски Заев каде според перцепцијата на јавноста доминираше во повеќето теми лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски што позитивно се одрази на рејтингот на партијата, вели Љушева.
Нејзините очекувања се дека главното влијание од договорот со Грција ќе се осети на анкетите крајот на септември и октовмри каде јавноста ќе биде дополнително сензибилизирана.
Политикологот Митко Апостоловски посочува дека стагнирањето на СДСМ и Зоран Заев не е последица само на лошото менаџирање со договорот со Грција, туку е резултат пред се на разочарувањата во реалните сектори, како и зголемените афери кои се случија во последниве неколку месеци.
-Видливи се првите знаци на атрофирање кај власта каде има лош менаџмент со аферите, наспроти слаба реализација на ветувања кои се дадоа во предизборието. Од друга страна опозицијата покажа присутност на терен во таканаречен мирен период на летните месеци, воедно свое влијание имаше и лидерската дебата која помогна да се определат граѓаните. Мицкоски покажа отпорност на предизвиците кои ги носи превземањето на гломазен апарат како што е ВМРО-ДПМНЕ и тоа во еден мошне тежок период за партијата како и имунитет на разните внатрешни видливи и невидливи поделби и подвојувања, додека премиерот Заев воопшто не е присутен на теренот и се занимава со глобални прашања кои не се од непосреден интерес на граѓаните, подвлекува Апостоловски.
Милош Милошоски анализира дека резултатите на јавното мислење во Македонија покажува дека ставовите за одредени теми на анкети се забележуваат со доцнење од 2 месеци, така да вистинското расположение за договорот со Грција може да се види на анкети на есен, кога се очекува дополнителна промена на бројките.
Аналитичарот Сотир Костов па во свои претходни излагања го предвиде ваквиот расплет на настаните. Според него следува видлив распад на владеачката опција која наместо со работа се занимава со политички монтирани случаи, хајки и предавнички договори.
Според политичкиот аналитичар Александар Кржаловски враќањето на рејтингот на опозицијата во најголем дел се должи на Договорот со Грција. Имено тој во гостувањето во Отвореното студио на телевизија Алфа вели дека за ваквото негово тврдење има поткрепа во целата анкета, поради фактот што мнозинството на граѓаните помеѓу 50 и 60 посто се незадоволни од договорот со Грција, односно само 28 проценти од етничките Македонци се за договорот. Тој вели дека анкетата е правена пред да станат актуелни последните корупциски скандали со тендери и тие допрва ќе имаат влијание на јавното мислење.
-Моето толкување на ваквото доближување на ВМРО-ДПМНЕ и враќање на нивото, на сегашното ниво , СДСМ се нема многу поместено од она што имаше доверба и досега, ама ВМРО е вратено назад. И по мене во најголем дел се должи на договорот со Грција, односно мислам дека тоа наоѓа на поткрепа и во целата анкета дека генерално мнозинството од луѓето меѓу 50 и 60 посто вкупно, а уште повеќе кај етничките Македонци се незадоволни од повеќето одредби од Договорот. Иако на крајот дел од нив се изјаснуваат дека ќе гласаат за. Ама релативно мнозинско незадоволство има за поединечните прашања, менување на Устав, менување на името, кодовите, регистрациите и слично. Можеме да зборуваме и повеќе за тоа ама јас така го објаснувам бидејќи анкетата е правена на 24 јули до први август, тоа е мислам пред овие последни афери што беа со тендери со слични корупциски скандали. Мислам дека тие не влијаеа на овој резултат и мислам дека тие допрва ќе се разврзуваат.
Аналитичарот Владимир Божиновски пак истакна дека владата на СДСМ дала преголеми очекувања кај граѓаните особено кај оние неопределените кои во голем број не гласале за сегашната власт туку против ВМРО-ДПМНЕ.
Божиновски вели дека сега кога СДСМ има апсолутна централна и локална власт, фрустрацијата на граѓаните е право пропорционална со неостварените ветувања. Тој напомена дека имало момент во изминативе месеци во период кога се намалила фрекфенцијата на информации околу името па се случи аферата со пајакот, како и серија на други афери кои исто така ги фрустрирале гласачите.
Божиновски заклучи дека сега ВМРО-ДПМНЕ се консолидираше, ВМРО-ДПМНЕ сега претставува програма, нови политики, нови решенија и на тој начин може да се очекува дека ќе привлекува уште повеќе нови гласачи.
За МЦМС, анкетата ја спроведе М-проспект. Податоците беа прибирани телефонски (CATI) во периодот од 24 јули до 01 август 2018 година. Анкетата е спроведена на повеќеслоен стратификуван примерок од 1026 испитаници постари од 18 години.