Во театарот „Војдан Чернодрински“ се поставува „Басни“ претстава за деца , во режија на Кирил Петрески.
-Претставата е за деца која што како тема ги има басните. Басната е една од најстарите литературни родови. Верувам дека неа ја сакаат сите. Децата, младите, но и возрасните луѓе. Во неа тие пронаоѓаат метафора на своето детство. Во басната се наоѓа чудесната метафора на детството, кога во свежата и бујна детска фантазија се создаваат поимите и сликите за вечните вистини. Во нив ги има поуките за животот, односите со другите луѓе, но не само со луѓето, туку и со сите суштества и со природата. Животните се вистинските јунаци на бајките, но преку нив се покажуваат човечките карактери, лукавството, зависта, алчноста, мудроста и наивноста, доброто и злото, правдата и неправдата, силата и немоќта и сето тоа е претставено метафорично, алегорично и сликовито. Како што рекол Лафонтен: „ Се зборува во вселената.“, а во една своја строфа вели: „Јас направив да зборува волкот, а на волкот да му одговара јагнето и отидов подалеку: дрвјата и растенијата кај мене станаа суштества што зборуваат.“ Во претставата ќе бидат сместени басните на неколку автори. Творецот или „таткото на басната“ Езоп, потоа Лафонтен, но и на нашиот Марко Цепенков кој што во своите записи од македонското народно творештво има сместено „мали приказни за животни“, како што тој ги нарекува – вели режисерот Кирил Петрески.
Ќе играат Катерина Чакмакоска – Клинческа, Јасмина Мицовска – Станкоска, Наташа Наумоска – Ачански, Михајло Миленкоски, Александар Тодески и младата Надица Ѓорѓијоска.
Сценографија и костимите се на Александар Џинго, музиката е на Томе Темелкоски.
Премиерата на претставата е планирана за крајот на ноември.