Ако полагате за возачка дозвола, oпштината ви дава 10.000 денари субвенции

Општина Центар доделува субвенции за млади лица за полагање возачки испит Б-категорија во автошколи регистрирани на подрачјето на општината.

Право на субвенција имаат жители на локалната самоуправа кои во текот на 2026 година навршуваат 18 и 19 години (родени во 2007 и 2008 година), како и лица кои во 2025 година навршиле 19 години (родени во 2006 година), а уплатата за полагање на возачки испит ја извршиле во 2025 година.

Висината на субвенцијата изнесува 10.000 денари со вклучен ПДД , а се користи исклучиво за полагање возачки испит Б-категорија.

„Со овие субвенции ги мотивираме младите навремено да го положат возачкиот испит и безбедно да се вклучат во сообраќајот. Ова воедно е олеснување за семејниот буџет бидејќи добивањето возачка дозвола е прескап процес, но во исто време неопходен за секој млад човек“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.

Барањата со комплетна документација се доставуваат во архивата на Општина Центар – Скопје (барака бр. 6), секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот.

За дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат на телефон 02/3203-600 или на е-мејл адресите [email protected] и [email protected].




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.