Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека, согласно член 361 став (1) од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 169/15), моторните возила и мобилните машини кога учествуваат во сообраќај на пат, во периодот од 15 ноември до 15 март задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема, согласно одредбите утврдени во Правилникот за задолжителна опрема на возилото, велосипедот и запрежно возило за безбедно учество во сообраќајот на патиштата, како и на трактори за безбедно извршување на земјоделски односно шумски работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 31 од 2010 година).
Мандатен платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бодови согласно со одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 169/15), на возачот кој постапува спротивно на одредбата одставот (1) на овој член.
Под зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 килограми се подразбира зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази од четири милиметри или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази минимум од четири милиметри и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
Зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала, пак, подразбира зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази, од шест милиметри или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази, од најмалку четири милиметри. Синџири за снег потребно е да поседува секое возило со пневматици со летен профил, и притоа, во случај кога возилото е во постојан погон, синџири за снег треба да има најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да има најмалку на постојано вклучената осовина.
За моторни возила со маса над 3.500 колограми се предвидени гуми на погонските тркала со минимална длабочината на шарите од шест милиметри или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите од минимум четири милиметри, како и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала;
Автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала, потребно е да имаат зимски пневматици на погонските тркала и лопата.
Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака: „MS“, „M+S“, „M&S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.