Ако немате доказ ќе платите данок и овде – граѓаните кои платиле данок во странство, доказот да го достават до УЈП

Граѓаните кои го платиле данокот од доходот во странство, а кои сега добиле даночно решение од Управата за јавни приходи, може да обезбедат докази за платениот данок и да ги достават до даночните канцеларии на УЈП. Ова на прес-конференција го изјави директорката на Управата, Елена Петрова, уверувајќи дека нема да има двојно оданочување бидејќи, како што рече, Законот за данок на личен доход и меѓународните договори со странските земји обезбедуваат механизми со кои се спречува двојно плаќање данок за ист доход во две земји, исто како што спречуваат данокот да не биде платен во ниту една земја.

„Сите што имаат и што можат да ги обезбедат доказите да ги достават до сите даночни канцеларии на УЈП, ние ќе ги разгледаме и што може ќе биде прифатено. Доставените решенија мораше да бидат поднесени до 31 декември, тоа се аконтативни решенија и врз основа на дополнително доставените докази ние треба да преминеме кон коригирање на годишната даночна пријава за 2020 година односно на конечниот данок за 2020 година, а потоа ќе следат постапки за наплата. Сè уште има период во кој граѓаните доколку имаат докази, можат да ги достават“, рече Петрова.

Во однос на граѓаните кои го платиле данокот на доход во странство, а сега постапиле по даночните решенија на УЈП и извршиле повторно плаќање, Петрова рече дека ќе бидат земени предвид сите докази и ќе се утврди дали со земјата каде што е платен данонот е склучен меѓународен договор каде треба да се изврши уплатата.

„Или доколку е возможно, платениот данок во странство да се прифати како даночен кредит, а на уплатата што е извршена овде да се изврши враќање или да се прифати за друг долг за следна година на соодветното лице“, додаде таа.

Од овие 11.000 граѓани, како што рече директорката на УЈП, досега е утврден данок за 6 600 граѓани за 2020 година, а за останатите е констатирано дека доходот не подлежи на оданочување. Од тие 6 600 граѓани, 2 200 самите го пресметале и го пријавиле данокот, а за 4 400 граѓани се донесени решенија по службена должност и вкупно утврдениот данок е околу 186 000 000 денари, односно околу 3 милиони евра за 2020 година. Покрај директорката на УЈП, на прес-конференција се обрати и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која рече дека не се работи за никаква законска измена туку дека граѓаните треба да ги знаат своите обврски кон државата и да ги почитуваат.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.