Пратеникот на ДУИ, Арбер Адеми смета дека одвојувањето на Изет Меџити од партијата и формирање свое политичко движење не е удар за владеачката партија. Жали што од медиумите се информирани дека двајца пратеници од ДУИ, како што вели, се определиле за друг пат.
-Тие добро се третирани во ДУИ и носеле високи функции и институционална одговорност. За причините за нивното самоотстранување треба да ги прашаме нив. Во мнозинството не се менува ништо. Без овие пратеници, оваа влада и програма беше изгласана. На истите бројки сме и сега, само изразуваме жалење за тоа што се случува, кажа Адеми на брифинг со новинарите во Собранието.
Адеми информира дека двајца пратеници од неговата партија ќе дејствуваат како опозиција, додека третиот Кастриот Реџепи е независен и станал пратеник преку листата на СДСМ.