ПОВИК ОД МИТРОПОЛИТОТ ПОВАРДАРСКИ Г. АГАТАНГЕЛ
Драги браќа и сестри, Македонци, Македонки и Македончиња! На неодамнешниот референдум, народот јасно го искажа своето мислење. Според резултатите од него, никој не доби овластување да се впушти во промена на нашето вековно име. Основна задача на оние што се бават со политика, а посебно на пратениците во Македонското Собрание, е да ги штитат народните интереси и да спроведуваат политики кои ќе го унапредуваат нашето општествено живеење.
Доколку пратеникот престане да го слуша гласот на народот тој станува одметник и отстапник. Денес, во Македонското Собрание имаме 80-ет одметници кои пловат спротивно од реката на националните интереси. Овие пратеници, налик на диви одметници, го пљачкосуваат минатото и иднината на својот народ, за да ја збогатат ризницата на самоволниот и силниот на овој свет, за кого не важи ни еден закон, освен законот на суетата и законот на среброљубието. Овие осумдесетмина отстапници не се свесни дека правдата, навидум колку и да е слаба, на крајот секогаш победнички триумфира. Единственото нешто што ќе го заработат од трговијата со светињата и од примената на насилството е народната осуда и вечното проклетство.
Неправдата врз послабиот и незаштитениот, на насилникот и на неговите најблиски, им носи несреќа и илјадагодишно проклетство.
Паметиме што зборуваа пред да бидат избрани Елизабета Канчевска Милевска, Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и останатите одметнати пратеници на ВМРО ДПМНЕ, а сега ја гледаме нивната бламажа и бесрамност. Кога градеа кариери врз грбот на нивните поддржувачи, имаа однесување на лавови, а кога малку им се приближија хиените, добија облик на инсекти.
Во какво ВМРО залутале овие профитери, овие без’рбетни облици на живот? На каква, пак, лева опција се наследници пратениците од СДСМ, кога без никаков срам тргуваат со придобивките на АСНОМ? Зарем заборавиле на неброените жртви од првата половина на 20-от век, чии идеали сега безочно ги погазуваат? Од каков материјал се создадени сите овие луѓе, зарем обична вода наместо крв тече во нивните вени? Овие однародени и нечесни пратеници, кои бавењето со јавна служба го користат само за гол профит, од нас, кои им го дадовме мандатот, го заслужуваат единствено нашиот презир.
Ги презираме и отфрламе оние кои работат здружно на нашето колективно убиство и уништување. Оној кој прави неправда и насилие кон слабиот и незаштитениот е проклет за вечни времиња.
Проклет нека биде и тој и сето негово потомство! Македонија и македонскот народ ќе живеат вечно. Вечно ќе ги паметиме хероите и нивната несебична жртва и вечно ќе ги држиме во проклетство одродниците, плашливците и насилниците. Во овие тешки моменти за македонскиот народ и за македонската држава се потсетуваме на стиховите од нашиот славен преродбеник Глигор Прличев, кој за одродниците го напишал следново:
„Умилил се чесниј Патрик, свалил шапка навезана, погледнал на сино небо, љуто прок’лнал. Ох! Послушај милиј Боже! Аир никогаш да немаат Стамче Беј и Бујар Лигдо, Пејко Челеби! Милостивиј Бог послушал, патричка горешта клетва, слава нивна, семе нивно, погубил со шум. И сега во куќи нивни, ткае пајак пајажина и во пусти стреи нивни хукат утови“.
Го повикувам сиот македонски народ, а посебно нашата македонска младина, без страв и одлучно да го кренат својот глас во одбрана на нашата света македонска земја. Пратениците, и од левицата и од десницата, од длабочината на мојата душа ги повикувам да не го оцрнуваат своето срце и со делата на своите раце да не нанесуваат вечен срам и проклетство на нивните поколенија.
Функциите се стекнуваат, но и завршуваат, па немојте да бидете запаметени како генерација која се откажала од нашето свето македонско име.
Бог нека ги благослови сите оние кои ќе ги издржат сите налети на нечестивиот и кои преку непокор и со силата на својот дух ќе се изборат за опстојот и благосостојбата на Света Македонија и на нашата Света Македонска православна црква.
МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ
†Агатангел (Станковски)