Во Прилеп се одржа координативен работен состанок помеѓу Претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), м-р Горан Ангеловски, и претседателите и членови на општинските совети за безбедност на сообраќајот на патиштата (ОСБСП) од Пелагонискиот регион – Битола, Прилеп, Кривогаштани, Новаци, Крушево, Македонски Брод и Демир Хисар, како и претставници на СВР Битола – Отсек за превенција.
На состанокот присуствуваше и градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, кој даде поддршка на процесот за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата во Пелагонискиот регион. Целта на средбата беше унапредување на меѓусебната координација, зајакнување на организациските капацитети и дефинирање на приоритетните активности за наредниот период во областа на безбедноста на сообраќајот на патиштата.
Фокусот на состанокот беше ставен на планирањето и синхронизацијата на идните активности помеѓу централното, регионалното и локалното ниво, со цел поефикасно и покоординирано спроведување на националните политики, програми и кампањи за зголемување на безбедноста на сообраќајот. Притоа, беше нагласена улогата на РСБСП како републичко едукативно и советодавно тело на Собранието, како и значењето на општинските ОСБСП како клучни локални советодавни тела задолжени за имплементација на мерките, едукативните и превентивните активности во рамки на единиците на локалната самоуправа.
Преку отворена и конструктивна дискусија беа разгледани актуелните предизвици со кои се соочуваат општинските совети, можностите за унапредување на меѓуинституционалната соработка, како и потребата од засилен теренски ангажман, континуирана едукација на граѓаните и воспоставување систематски и одржлив пристап кон превенцијата на сообраќајните незгоди.
На крајот од состанокот беше истакнато дека оваа средба претставува почеток на поширок и структуриран процес на организација, координација и унапредување на работењето на локалните општински совети, како и интензивирање на спроведувањето на кампањите и превентивните активности на локално ниво. Крајната цел е опфаќање на сите категории граѓани со едукација и превенција, во рамки на нивните локални самоуправи.
Овие активности се директен резултат и продолжение на заклучоците и декларациите усвоени и потпишани од градоначалниците и претставниците на локалната самоуправа на Првата национална конференција за безбедност на сообраќајот на патиштата во локалната самоуправа, која се одржа во декември 2025 година во Скопје.

























