Силниот ветер од циклонот “Алексеј” кој беше најавен долж Охридско-струшкото крајбрежје и вечерва предизвикува големи бранови во Охридското езеро – пренесува порталот “ОhridNews”.
Фото/printscreen
Како што дознава OhridNews, исклучително загрижувачка е состојбата со колекторскиот систем кој е пред колапс. Поради зголеменото ниво на подземни води колекторот не може да ги преработува отпадните води и практично тој не функционира.
Според информациите стариот патен правец Охрид-Струга, во близина на аеродромот е пополнет со вода и ѓубре кои го исфрлаат големите бранови од езерото.
Што се однесува пак до испустот на Црн Дрим истиот е само делумно отворен и недоволно за да се испушти потребната количина и да се спречат штети на крајбрежјето.
На социјалните мрежи се појавија и снимки на кои се гледа дека езерото веќе ги надминува сите квоти, и започнало да влегува во угостителските објекти долж кејот на езерото во Охрид.