Иако македонските навивачи беа помалубројни во „Арена“ во Загреб во однос на Словенците, каде што Македонија ја совлада Словенија си 25:24, сепак беа погласни и ечеше „Македонија, Македонија“.
Македонската фаланга и овој пат го покажа целиот свој сјај и со фантастично навивање ги предводеше нашите ракометари во големата победа, со која широко се отворија вратите за добар пласман на Македонија во групата.
Од македонските навивачи, кои беа околу 2.000 во загрепската Арена, посебно внимание привлече овој навивач, чии фотографии ги објавија словенечките медиуми.
Капитенот на Македонија, Кирил Лазаров триумфот над Словенија (25-24) го посвети токму на навивачите кои им дадоа голема поддршка на „црвено-жолтите“ во „Арена Загреб“.
– Уште на загревање кога истрчавме на паркетот ја почувствувавме поддршката од нашите верни навивачи кои поминаа голем пат да дојдат да нѐ бодрат. Тие се клучниот фактор за нашата победа. Секако и ние на теренот имаме заслуга. Одигравме паметно кога се одлучуваше победникот. Ја задржавме топката до крај во последниот напад. Заслужено ги освоивме бодовите. Одиме малку да се одмориме и уште посилно против Црна Гора. Во никој случај не смееме да ги потцениме Црногорците – изјави Лазаров.
Тој со седум голови беше втор стрелец во нашиот тим, зад Дејан Манасков кој постигна осум голови, но капитенот имаше извонредни асистенции во неколку битни моменти.