Над градскиот стадион “Гоце Делчев” во Прилеп започнаа да се издигнуваат новите рефлектори, кои се дел од реконструкцијата на овој фудбалски храм.
Реконструкцијата која ја започна претходната локалната самоуправа предводена од доскорешниот градоначалник Марјан Ристески предвидува стадионот да прерасне во модерен спортски центар кој ќе има капацитет од 18.000 места, а ќе биде направен според сите критериуми на УЕФА за играње дури и на меѓународни натпревари. Планирано е и хортикултурно уредување околу стадионот, како и изградба на паркинг простор. Исто така планирано е стадионот да добие нови трибини, нови соблекувални и осветлување за да може на него да се играат и ноќни натпревари.