“Уништена балон сала, спортистите негодуваат, ама градоначалникот битно се сликаше и ги поздрави!?”

Вчера на градскиот плоштад “Методија Андонов – Ченто” во Прилеп се одбележа Меѓународниот ден на спортот.

Македонскиот Олимписки комитет (МОК), Пинг-понг Федерација на Македонија (ППФМ) во соработка со пингпонгарскиот клуб „Младост 96“ и оваа година организираа прекрасен настан на кој присуствуваа голем број млади и љубители на спортот.

На настанот дојде и градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, кој ја искористи можноста да даде изјава пред медиумите и да се фотографира.

“Ние како локална самоуправа и јас како градоначалник и понатаму ќе бидеме поддршка на спортистите. Спортот и физичката активност се тренд во модерниот свет, затоа упатувам апел до сите млади да се дружат и да спортуваат”, посочи меѓудругото Јованоски.

Но, како Илија Јованоски и новата локална власт го помогнаа спортот до сега е нешто што изостави да каже градоначалникот и да им објасни на спортистите зошто спортот во Прилеп за само неполни 6 месеци откако тој дојде на функцијата пропаѓа.

Всушност, кога политичките интереси се во преден план, наместо успехот на клубовите и спортот, резултатот е следен:

Двата најголеми спортски клубови во Прилеп, фудбалскиот клуб Победа и ракометниот клуб Прилеп се речиси на дното на табелите и се на чекор од испаѓање во понизок ранг на натпреварување.

Победа има ново раководство и 11 нови засилувања во зимскиот преоден рок, но резултатите никако да дојдат, па црвено белите се наоѓаат на осмото место на табелата.

Ракометниот клуб Прилеп помина уште полошо. Од клубот си заминаа сите клучни играчи откако најпрво општината реши да не го финансира неговото функционирање, а потоа се премислија. Сепак, во плеј-аут разигрувањето Прилеп е претпоследен на само бод предност од фенерџијата Вардар Јуниор.

Капак на се, општината не води грижа ниту за спортската инфраструктура во градот. Проектите кои претходно се реализираа сега се распаѓаат и уништуваат.

Таков е примерот со балон салата во ООУ “Гоце Делчев” која со недели служи само како прекривка на асфалтот во дворот.

Еве како изгледаше оваа сала претходно:

Вака ли општинските власти го поддржуваат спортот во Прилеп?!

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.