Земјодeлците ќе можат да ги добијат субвенциите и пред да се формира новата влада. Ова произлегува од денешната одлука на Уставниот суд да покрене постапка за субвенциите со времена мерка.
Тоа значи дека парите наменети за субвенционирање на земјоделците планирани во 2016 година ќе бидат одблокирани, а Министерството за финансии ќе може да ги исплати парите пред да се формира влада.
Земјоделското здружение „Агротиквешија“ неодамна поведе иницијатива со која се бара оспорување на членот од Изборниот законик според кој е забранета исплата на субвенции се до формирање нова Влада.
На овој Закон се повика министерот за финансии Кирил Миновски кога одби да дозволи исплата на налозите за субвенциите кои ги доставуваше во текот на изминатиот период директорот на Платежната агенција, Игор Златков.
Државата на земјоделците им должи субвенции за 2016 година, а на некои земјодлеци и за 2014 и 2015 година. Вкупниот долг на државата кон земјоделците изнесува 92 милиони евра, кои како што изјавија одговорните, се обезбедени и се чека само дозволата на министерот за финансии тие да легнат на сметките на земјоделците.