Трансфер бомба: Јасир Асани нов играч на Победа

20370906_10213779030453953_1123283423_n

Попладнево во клубските простории на Победа, првиот човек на клубот д-р Гоце Ингилизов ги финишира преговорите и потпиша 6-месечен договор со 22-годишниот Јасир Асани.

Станува збор за играчот на Вардар кој како позајмен, минатата пролет ги бранеше боите на Шкупи. Асани е изданок од школата на Вардар каде ги минал сите селекции. Во Првата лига дебитира 2013-та година, а зад себе има 75 прволигашки мечеви и 14 голови.

Со успех може да настапува на двете офанзивни странични позиции и несомнено со својот индивидуален квалитет ќе го подигне нивото на играчкиот состав на Победа и ќе ја зголеми конкуренцијата во нападот. Со ова најново засилување тренерот Штерјовски ќе има главоболки околу изборот на најдобрите 11-мина.

Договорот на Победа и Асани е со важност од 6 месеци, со можност за негово продолжување доколку двете страни се задоволни. Тој е 4-то засилување на Победа за новата сезона откако претходно клубот ги ангажираше: Борче Маневски, Нове Ацески и Тулат Хумбатов.

“Одлучив да дојдам во Победа и да направам чекор напред во мојата кариера. Во Победа имам многу пријатели со кои сум настапувал. Тука ми е меѓу другите и Гешоски, легендата на фудбалот во Македонија. Сакам оваа сезона со Победа да избориме излез во Европа, затоа што прилепскиот прволигаш има многу добра екипа и верувам дека во престојниот шампионат ќе направиме успех”, истакна Асани.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.