Стартува манифестацијата “Прилепско културно лето”: Многу концерти и културни манифестации во најава

marko cepenkov foto

Со старт на ликовната колонија Дрен и со концертот на Камерниот оркестар Битола, вечерва, понеделник 19 јуни 2017г. започнува традиционалната манифестација Прилепско културно лето. Публиката и годинава ќе има можност да ужива во бројни настани од областа на сценско музичката и ликовната дејност  вели директорот Тони Чатлески.

Колонијата Дрен годинава се одржува по десетти пат. Во ликовното ателје, во дворот на Центарот ќе творат десетина уметници од земјата и од странство, кои на градот, на државата ќе остават во трајна сопственост вредни уметнички дела. Покрај неколкумина прилепски уметници ќе творат и Андриана Мациев, Новица Трајковски, Драган Најденовски, Владимир Темков (Македонија) и Елена Ривка  Беларeва и Виктор Пушкин од Русија, како и Маријана Везарова и Пламен Бонев од Бугарија …, кои воедно и ќе се дружат и ќе разменуваат искуства. Делата создадени на колонијата ќе бидат презентирани на изложба.

Во 20 часот во ликовниот салон под мотото „Акустична Рок симфонија„ ќе настапи дел од Камерниот оркестар на Битола, кој во акустична верзија ќе исполни безвременски рок композиции препознатливи за сите генерации. Камерниот оркестар основан пред неколку децении, составен е од професионални музичари и досега има бројни успешни концерти низ Македонија, а учествувал и на реномирани фестивали.

Во рамките на културното лето  од 21 до 23 јуни, во киното Мис Стон ќе се одржи Француски филмски фестивал.

Посетителите во 21 –среда, по свеченото отворање од 20.00 часот ќе уживаат во филмот „Маестро“ на Леа Фазер, со Пио Марме и Михаил Лондал.

– Анри е млад актер, којшто сонува да игра во „Брзи и бесни“, но ќе се најде во ситуација да игра во филм на Седрик Ровер, заколнат припадник на авторскиот филм. Условите за снимање воопшто не одговараат на неговите очекувања… Но,благодарение на шармот на неговата партнерка и благонаклонетоста на режисерот, ќе се појават дотогаш непознати чувства за него. Ровер, пак, вознесен од младоста и имагинацијата на Анри, снимањето на филмот ќе го доживее како неочекуван подарок –велат од Францускиот институт.

Во четврток од 20.00  е „Случајот Си“, додека во петок „Три срца“.

Ревијата на француски филмови ЦК„Марко Цепенков“ ја реализира со Амбасадата на Франција во Македонија, Францускиот институт и Општина Прилеп, а по повод 10 години од Францускиот филмски фестивал во земјава.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.