„Старата дама“ спрема спектакуларен трансфер: Ибрахимовиќ го засилува Јуве?!

Златан Ибрахимовиќ е во потрага по нов клуб, откако неговата едногодишна авантура во Манчестер Јунајтед заврши потешката повреда.

 

Turin, ITALY:  Juventus' forward Zlatan Ibrahimovic celebrates after scoring a goal against Palermo during their Serie A football match at Delle Alpi stadium in Turin, 07 May 2006.    AFP PHOTO / PACO SERINELLI  (Photo credit should read PACO SERINELLI/AFP/Getty Images)

 

Постојат многу шпекулации за тоа каде Швеѓанецот со балканско потекло ќе ја продолжи својата кариера, а последен во низата клубови со кои се поврзува Ибра е европскиот вицешампион и најтрофеен клуб на Апенините, торински Јувентус.

Гласините за ваквиот сензационален трансфер не се без основа, бидејќи како што пренесуваат италијанските медиуми, Ибрахимовиќ денеска е забележан во Торино заедно со неговиот агент, контроверзниот Мино Рајола и директорите на Јувентус.

Токму поради ова, медиумите почнаа да го поврзуваат Ибрахимовиќ со клубот за кој Швеѓанецот веќе настапуваше еднаш во кариерата, но откако Јувентус беше преселен во Серија Б во 2006-та година го напушти Торино и се пресели во Барселона, за потоа да направи трансфери во Интер и Милан.

Останува да се види дали врската меѓу Ибра и Јувентус ќе остане во доменот на шпекулациите, или пак Швеѓанецот навистина ќе го засили нападот на „Старата дама“. Информациите за можен трансфер на Ибра во Јуве индиректно ги подгреа и газдата на Јувентус, Андреа Ањели, кој најави дека Јувентус ќе продолжи да се засилува и дека успесите во последните години се само почеток на неговиот Јувентус, најавувајќи нови трансфери како оној на Гонзало Игуаин минатоот лето.

– Тоа што го направивме во првите седум години е само основа за идните успеси. Ова е само почетокот, мојот Јувентус тукушто стартуваше. Шесте титули во низа во Серија А се само почеток. Се надевам дека клубовите од Милано набрзо ќе ни бидат конкуренти, така ќе бидеме уште подобри. Се уште жалам за случувањата во Кардиф, но не може да се вади заклучок за цела сезона од лоши 20 минути фудбал, – потенцира Ањели додавајќи дека трансфери од калибарот на Игуаин нема да сопрат во иднина.

– Нема да сопираме сега кога дојдовме на ова ниво. Знаеме како ќе ја надминеме опсесијата наречена Лига на шампиони. Освојувајќи ја толку посакуваната титула, – заклучува првиот човек на клубот од Торино.

Олеснителна околност за Јуве при можен трансфер на Ибра е тоа што ќе го добијат напаѓачот бесплатно, секако доколку се договорат за висината на платата имајќи ги во предвид (не)скромните барања на фудбалерот. Швеѓанецот во Јунајтед играше за плата од околу 14 милиони евра, а колку за споредба, најплатен фудбалер во Јувентус е Гонзало Игуаин кој заработува двојно помалку, односно 7,5 милиони евра годишно. Сепак, ако се земе во предвид дека Ибрахимовиќ е слободен играч, „Старата дама“ нема да жали пари доколку напаѓачот сака повторно да го облече „црно-белиот“ дрес.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.