Српските дипломати повлечени во Белград, засилено обезбедување пред амбасадата во Скопје

zgrada

Сите дипломати од Амбасадата на Република Србија во Република Македонија се повлечени на итни консултации во Белград. Засега нема официјална информација која е причината за повлекувањето.

Македонското Министерство за надворешни работи информира дека биле известени од српската Амбасада оти персоналот ќе се повлече на консултации во Белград, но тоа не знае која е причината за тоа.

– МНР на Република Македонија денес доби нота од амбасадата на Република Србија во Скопје, со која сме известени дека персоналот на Амбасадата е повикан на консултации во Белград. МНР на Република Македонија не е запознаена со причините за оваа одлука и во тој правец воспоставува комуникација со МНР на Република Србија во насока на утврдување на причините за оваа постапка. Согласно релевантните одредби на Виенската Конвенција за Дипломатски односи, соодветните институции на Република Македонија преземаат мерки за заштита на безбедноста и интегритетот на амбасадата на Република Србија во Скопје, истакнуваат од МНР.

Српската амбасадорка Душанка Дивјак Томиќ за српските медиуми изјавила дека засега не може да ја коментира ситуацијата и најавила повеќе информации во текот на денешниот ден.

Од македонското Министерство за внатрешни работи пак информираат дека по добиеното известување од МНР дека амбасадата на Србија се повлекува на консултации во Белград, по барање на амбасадата, превземени се мерки на зголемена безбедност на нивните објекти.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.