Средба Мицкоски-Нимиц: Решението за кое се преговара треба да ги запазува државните интереси и да не го загрозува националниот идентитет

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денес заедно со потпретседателот Александар Николоски, генералниот секретар Игор Јанушев оствари средба со специјалниот пратеник на Генералниот секретар на Обединетите нации за прашањето за името Метју Нимиц, информираат од партијата.

Во соопштението од партијата се нагласува дека на средбата стана збор за актуелниот процес кој се води под покровителство на ОН поврзан со постигнување на решение за спорот со Република Грција.

-На средбата претседателот Мицкоски ги афирмираше официјалните ставови и позиции на ВМРО-ДПМНЕ поврзани со спорт за името. Тој посочи дека разговорите треба да продолжат да се водат во рамката утврдена од Обединетите нации, почитувајќи ги документите и принципите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата. На средбата од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше изразена загриженост за одредени чекори во грчкото општество кои иритираат и поттикнуваат негативи чувства кон Република Македонија и истите не се од помош на целокупниот процес, стои во соопштението.

Од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше истакнато дека решението за кое преговара македонската влада треба да ги запазува државните и националните интереси и да не го загрозува националниот идентитет на Македонците.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.