Спречен атентат врз британската премиерка Тереза Меј

Британските безбедносни служби спречиле двајца исламисти кои планирале да извршат атентат врз премиерката Тереза Меј, информираше директорот на службата МИ-5 Ендрју Паркер.

Паркер за планираниот атентат вчера го информирал владиниот Кабинет, јави телевизијата Скај Њуз.

Во врска со случајот се уапсени Наимур Закарија Рахман (20) и Мухамед Акиб Имран (21), кои се обвинети за планирање на терористички напад.

Двајцата планирале да активираат бомба во близина на резиденцијата на премиерката на Даунинг Стрит и потоа да и се приближат на Меј носејќи експлозивен појас, ножеви и спреј солзавец.

Полициските служби од Лондон и Бирмингем, во соработка со МИ-5, го спречиле обидот за атентат пред двајцата исламисти да успеат да набават експлозив.

Паркер го известил Кабинетот дека во изминатите четири години МИ-5 спречил 22 терористички напади и во моментов има 500 активни истраги, како и дека 3.000 лица се водат како потенцијални напаѓачи, а уште 20.000 лица биле посочени како можни извршители на напади за време на истрагите.

Велика Британија се соочи со неколку терористички напади во последниве години, во кои беа убиени 36 лица.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.