Синоќа со настапот на БИГ БЕНДОТ на Здружението на џез музичари на Македонија ( ЗЏМ ), на летната сцена на Центарот за култура „Марко Цепенков“, започна 6-тото издание на Интернационалниот џез фестивал во Прилеп. Веднаш по ЗЏМ настапи легендарниот хрватски тапанар Круно Левачиќ со својот Квартет – The Problems. Претходно пак во фоајето на Центарот за култура во 19.30 часот се одржа промоција на CD-то насловено „Пет години Prilep Jazz Weekend“. Фестивалот ќе трае во наредните три дена.
„Започнувајќи во 2012 година, со голем ентузијазам, а многу скромно, фестивалот прерасна во едно од најпознатите и најголеми културни случувања не само во Македонија туку и во регионот. Ние сме особено горди на тоа, а најмногу се радуваме на публиката која од година во година ги препозна вредностите и таа е се побројна. На ова ЦД се наоѓаат најдобрите нумери од 2013 до 2016 година. Можам само да изразам огромно жалење што немаме професионално снимање и сликање од првиот џез викенд кој ќе остане само во сеќавање на тие кои тогаш беа присутни“, истакна Снеже Ристеска, советник за култура во Општина Прилеп.
Публиката утре ќе може да ужива во настапите на Џон Илија Апелгрин и Мартин Ѓаконовски Трио, а истата вечер ќе гостува и еден од најхаризматичните ликови на Белградскиот Хип-Хоп, МАРЧЕЛО! Фестивалот пак во сабота на 26 август ќе го затворат Украинскиот саксофонист Max Kochetov и неговиот квартет, а ќе настапат и Француското ТРИО Metacronic talking.
„Мене ми е особена чест што по 6-ти пат се организира оваа манифестација. Исто така особено ми е драго што успеавме на ЦД-то да направиме компилација од според нас најдобрите актови на фестивалот. Тука може да се најдат имиња како Влатко Стефановски, Теодосиј Спасов, Тавитјан и многу други. Се надевам дека ова ќе остане едно сведоштво за идните генерации. Лани отворивме со БИГ БЕНДОТ на МРТ, годинава со БИГ БЕНДОТ на Здружението на џез музичари, полека се надеваме дека ќе станеме традиционално сврталиште на БИГ БЕНДОВИ и се надевам дека догодина ќе имаме и некој странски ваков БИГ БЕНД. Мартин Ѓаконовски специјално за овој концерт доаѓа од Келн, го имаме тука и еден од најдобрите Хип Хоп музичари во регионов МАРЧЕЛО кој беше номиниран за MTV Music Awards. Тука се исто саксофонист Max Kochetov и неговиот квартет, и Француското ТРИО Metacronic talking. Значи доста, доста квалитетни музичари“, вели Владан Дробицки, дел од организацијата на џез фестивалот.
Досега на фестивалот за овие 6 години настапиле околу 40 музичари од земјава и странство, присутни биле скоро сите поголеми џез музички имиња од регионов. Џиан Емин од ЗЏМ, кои го отворија фестивалот вели дека целта на овој состав била да ја промовира џез културата во Македонија. Тие се претставија со музика на Битлси.
„Оваа година на наше големо задоволство имаме прилика да настапиме на отворањето на прилепскиот џез фестивал со еден релативно нов состав на македонската џез културна сцена кој што е насловен ЗЏМ или Здружението на џез музичари на Македонија. Ова е оркестар кој што е составен од млади музичари, но и музичари кои се етаблирани како џез имиња кај нас. Целта на овој состав е да ја промовира џез културата во Македонија. Се претставивме со музика на Битлси која што е аранжирана од американските аранжери Мајк Дитли и Ален Бејлок. Изборот на композицииите го направивме самите ние и мислам дека им се допадна на публиката. Во овој состав членуваат луѓе кои покрај што свират џез свират и друг вид на музика, но сите нас не поврзува слободата, среќата и простор каде што можеме да се изразиме, бидејќи освен џезот нема друг жанр каде може да кажеме се она што сакаме“, вели Џиан Емин, диригент на ЗЏМ.
За 6 години овој џез фестивал прерасна во еден од попознатите културни брендови не само на Прилеп туку и на Македонија.
„Задоволството е големо што еве по 6-ти пат ја имаме честа да го отвориме Интернационалниот џез фестивал, еден препознатлив бренд кој го развиваше локалната самоуправа на Прилеп. Со оваа манифестација се заокружува на еден начин и богатото културно лето кое што го имавме во нашиот град. Џез фестивалот значи многу за градот, започнавме скромно кога и публиката беше малубројна, а сега џез фестивалот го посетуваат илјадници луѓе и тоа од најразлични генерациии. Што значи дека ја постигнавме целта и помладите генерации да го прифатат џезот како еден културен музички правец“, истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Сликите за каверот на ЦД-то ги направи Александар Еленин, а мотивот се карпи кои се наоѓаат во околината на Прилеп.
„Мојот пријател Михајло Мотески ми предложи да конкурирам со фотографии, организацијата на фестивалот ги одобри што ми е особено драго. Фотографиите се од различни периоди, сите се карпи околу Прилеп, идејата беше да биде нешто автентично за нашиот град. Конкретно нема некој поврзаност помеѓу џезот и карпите, но доколку се задлабочиш и ја проанализираш фотографијата можеби и ќе се најде џез тематика во самите фотографии“, вели Александар Еленин, автор на фотографиите.
Организаторите и Општина Прилеп ги покануваат сите љубители на џез музиката од цела Македонија да дојдат во Прилеп, да бидат присутни тука во наредните 3 дена и да уживаат во богатата програма на фестивалот.