Со училишен турнир и официјално отворено новото тениско игралиште во гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп

Со турнир помеѓу учениците и професорите денеска се отвори новоизграденото тениско игралиште во прилепската гимназија „Мирче Ацев“. Изградбата на игралиштето чинеше околу 6 милиони денари, а инвеститор беше Агенцијата за млади и спорт. Учениците се презадоволни од подобрените услови за работа и спортување.

„Добро е што се одржуваат вакви настани каде што учествуваат професори и деца, затоа што се подобрува пред се односот професор-ученик, а тоа е добро за квалитетот на образованието. Јас се занимавам со тенис веќе 10 години и можам да кажам дека овој тениски терен тука е одличен“, вели Бистра Петреска, ученик во гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп.

„Јас се занимавам со тенис 3 години и многу се радувам што сега имаме ваков терен и во нашето училиште кој може да го користиме на часовите по физичко и здравствено образование. Сега имаме училишен турнир во кој се вклучени и професорите и целиот настан е направен како една мала забава за нас“, рече Ева Кантарџиоска, ученик во гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп.

„Изградбата на ваквите терени е одлична можност за развојот на тенисот во училиштата и многу се радувам што конечно овој спорт може да го практикуваме и во нашето училиште“, кажа Давид Петрески, ученик во гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп.

Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, истакна дека дворот на гимназијата полека прераснува во еден современ спортски центар.

„Со овој турнир и официјално се отвора едно преубаво тениско игралиште во дворот на гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп. Ова игралиште беше изградено во текот на летниот период од страна на Агенцијата за млади и спорт. И ова е второ спортско игралиште кое се реализира во гимназијата. Претходно тука се изгради и повеќенаменско игралиште вредно 8 милиони денари. Со ова се збогати гимназијата со спортски терени кои многу ќе значат за децата и се надевам дека од тука во иднина ќе произлезат врвни спортисти кои ќе ја претставуваат нашата држава. Во состав на гимназијата „Мирче Ацев“ функционира и фудбалска академија. Благодарение пак на соработката на фудбалската академија со ФФМ кај населбата Типски куќи се изгради прекрасен фудбалски терен со вештачка трева, инвестиција вредна околу 500.000 евра. Што значи спортската инфраструктура кај нас секој ден е се подобра и подобра и Прилеп прераснува во еден од градовите со најдобра спортска инфраструктура во Македонија“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

„Во последниве 10 години во гимназијата „Мирче Ацев“ се случија голем број инвестиции кои ги подобрија условите за работа и настава. Тука пред се би ги потенцирал инвестициите во спортските објекти. Се реконструираше комплетно спортската сала, се изгради нова фитнес сала, повеќенаменско игралиште, како и ова тениско игралиште. Сакам да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам на локалната самоуправа и градоначалникот Марјан Ристески за целокупната поддршка која ја дава на ова училиште со што значително се подобрија условите за работа“, потенцираше Кире Николоски, директор на гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп.

Тениското игралиште освен учениците од гимназијата можат да го користат и другите спортски ентузијасти од Прилеп.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.